НЕМАЛ НИШТО ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ, А ВО КОЛАТА 120 КИЛОГРАМИ ТУТУН Царината спречи шверц вреден стотици илјади денари
Царинските службеници на Блаце открија 120 килограми тутун за наргиле скриени во автомобил; со акцијата е спречена нелегална трговија вредна стотици илјади денари.
Царинските службеници на граничниот премин Блаце спречија обид за криумчарење на 120 килограми тутун за наргиле, кој бил наменет за продажба на македонскиот пазар.
Тутунот бил откриен при контрола на возило кое влегувало во државата. Возачот, македонски државјанин со иницијали Ф.Б., на прашањето од цариниците дали има нешто за пријавување одговорил дека нема ништо. Сепак, поради сомнеж, службениците извршиле детална проверка на автомобилот.
Во багажникот биле пронајдени 480 пакувања тутун за наргиле од по 250 грама, скриени во просторот за резервна гума и покриени со прекривка.
Од Царинската управа велат дека со оваа акција е спречен обид за нелегална продажба на тутунски производи вредни околу 384 илјади денари.
„Со оваа заплена е спречена нелегална трговија со акцизна стока и избегнување плаќање давачки во износ од околу 744.000 денари, од кои 342.000 денари се однесуваат на акциза“, велат од Царинската управа.
Според информациите, осомничениот тутунот го набавил од лице од Приштина, а против него е поднесена кривична пријава за криумчарење.
Од Царината посочуваат дека ваквите случаи се откриваат сè почесто.
„Од почетокот на годината откривме четири случаи на криумчарење и нелегална трговија со тутунски производи. Ќе продолжиме со засилени контроли за да се спречат ваквите обиди“, информираат од Царинската управа.
Тие додаваат дека нелегалниот тутун не само што ја поткопува легалната трговија, туку претставува и ризик за здравјето на граѓаните.