„НЕМААТ ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО“ Мицкоски смета дека поради тоа Џафери најавил одложување на седницата
Изјавата на претседателот на Собранието Талат Џафери дека ќе ја одложи седницата, ако нема 80 гласа за уставни измени потврдува дека нема двотретинско мнозинство, односно 80 пратеници за нивно донесување, заклучи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во рамките на денешната посета на Вевчани, одговарајќи на новинарски прашања тој посочи дека единствено решение, за како што рече, излегување од агонијата, се предвремени парламентарни избори.
– Она што е важно да се заклучи од изјавата на Талат Џафери е дека немаат 80 пратеници, односно немаат две третини во македонскиот Парламент, кој ќе поддржи бугарски диктат. И тоа ние го зборуваме повеќе од една година. Наместо да го распуштат Парламентот, наместо сите 120 пратеника да гласаат за распуштање и да организираме предвремени парламентарни избори оваа есен, тие ја продолжуваат агонијата кај граѓаните во Македонија. Зошто? Затоа што неколкумина во раководството на СДСМ и на ДУИ се исплашени дека со новата политичка реалност ќе ги изгубат своите позиции на политичката сцена, а дел од нив и внатре во партијата, како и привилегиите и можноста да го крадат народот преку наместени тендери, од петни жили грчевито се борат да нема предвремени парламентарни избори – рече Мицкоски.
Претседателот на Собранието рече дека доколку опозицијата сака избори, тогаш треба да поднесе предлог до Собранието и дека тој веднаш ќе ја свика седницата.
– Ако мислите за избори, уште сега поднесете предлог и истиот ден ќе ја свикам седницата, нема да ве спречувам во тоа. Волјата на пратениците јас нема да ја попречам, ама не може да биде одлука на партиски орган дека сака избори. Таа партиска одлука треба да се преточи во постапка во Собранието од надлежни подносители на иницијативата – рече Талат Џафери.
Седницата за гласање за потребата од уставни измени е закажана за 18 август.