НЕМА ВЕЌЕ УВОЗ НА ПАСОШИ ОД СТРАНСТВО Македонија ќе печати патни исправи – и за себе и за други држави
Не само што ќе заштедиме, туку ќе се позиционираме и како извозници на ваква документација. Планот е овде да се печатат не само македонските пасоши, туку и пасоши за други држави – истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Македонија е на чекор до стратешки исчекор во сферата на личната документација – патните исправи, кои со години се увезуваат од странство, во иднина ќе се печатат во државата, а амбициите се тоа да се прошири и за странски пазари.
– Заедно со министерот за внатрешни работи работиме на проект со кој сакаме патните исправи да почнат да се печатат кај нас, а не во странство. Не само што ќе заштедиме, туку ќе се позиционираме и како извозници на ваква документација. Планот е овде да се печатат не само македонските пасоши, туку и пасоши за други држави – истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Во изјава дадена при посетата на реновираниот административен објект на Министерството за внатрешни работи (МВР), Мицкоски додаде дека реновирани се 1.300 метри квадратни и дека до октомври се очекува комплетно да заврши втората фаза, со што ќе се стават во функција простори кои ќе го намалат метежот и ќе овозможат побрза и поефикасна услуга за граѓаните.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека институциите успешно се справиле со наследените проблеми, особено со хаосот околу пасошите, и сега е време фокусот да се стави на подобрување на инфраструктурата и достапноста на услугите.
– Реновирани се околу 1.300 квадратни метри, а во фаза сме на реализација на голем објект кој ќе овозможи над 200.000 граѓани полесно да ги добиваат потребните документи во своите општини. Со тоа се елиминира потребата од доаѓање во главниот град и се намалуваат гужвите – нагласи Тошковски.
Според него, благодарение на заедничкиот ангажман на институциите и посветеноста на тимот, сè се движи во насока на дигитализација, подобрени услови и воспоставување на поефикасен систем за издавање патни исправи.