📷 НЕМА ВЕЌЕ „РЕЗЕРВАЦИИ“ НА ПЛАЖА СО ЧАДОР, ЛЕЖАЛКА ИЛИ ПЕШКИР „Чистка“ на Халкидики сѐ се носи директно на рециклирање
Туристите на Халкидики се соочуваат со изненадни инспекции, опремата што ја оставаат на плажа „за резервација“ веќе се собира и носи без враќање.
Грчките власти започнаа жестока битка против самоволните „резервирачи“ на плажите на Халкидики. Без најава и со полициска поддршка, инспекциските служби на општина Касандра деновиве спроведоа координирана акција на плажите во Полихроно и во Калитеа, каде што отстранија лежалки, чадори, пешкири и друга опрема што туристите ја оставале преку ноќ за да си обезбедат подобро место до морето.
Опремата не само што е конфискувана, туку е веднаш транспортирана до центар за рециклажа, без можност за враќање. Официјалните лица од општината објавија и фотографии од акцијата, испраќајќи јасна порака: „Плажите се јавен простор, не се резервираат!“
Нелегално оставените предмети, од столчиња до душеци и чадори, биле третирани како отпад. Целта на ваквите акции, како што велат надлежните, е да се врати правото на сите посетители да уживаат во плажите, без да се соочуваат со однапред „зафатени“ територии.
Контролите ќе продолжат и ќе се прошират по целата обала на првиот крак од Халкидики, а општината веќе има издадено предупредувања на неколку јазици, вклучително и на српски, со кои ги повикува туристите да не оставаат ништо на јавните плажи преку ноќ.
Слични акции се спроведуваа и во изминатите години, но годинава, со уште поинтензивен надзор уште од почетокот на летната сезона, туристите кои се надеваат на „приватен ќош“ без плаќање, ќе треба да размислат двапати.