НЕМА ВЕЌЕ ЛАЖНИ СНИЖУВАЊА Цената од пред еден месец ќе биде стара цена
Во Законот се регулира и прашањето на електронското тргување и се воведува колективен интерес и застапување како право на потрошувачите. Во однос на поттикнувањето на продажбата се востановува и обврска трговецот да го одреди типот на поттикнување на потрошувачите.
Трговците во иднина ќе треба информациите наменети за потрошувачите на секој производ да ги пишуваат покрај на македонски јазик, на друг службен јазик и на други јазици, знаци или пиктограми. При одредени распродажби или намалување на цените на одредени производи трговецот треба на производот треба да ги наведе старата и новата цена. За стара цена сега ќе се смета цената која била актуелна за производот последните 30 дена пред намалувањето. Цените, пак, мора да се напишани во денари. Ова се дел од новините што ги донесува нацрт Законот за заштита на потрошувачи кој е на јавна расправа и е поставен на електронскиот систем на прописи ЕНЕР.
Покрај ова, во Законот се регулира и прашањето на електронското тргување и се воведува колективен интерес и застапување како право на потрошувачите. Во однос на поттикнувањето на продажбата се востановува и обврска трговецот да го одреди типот на поттикнување на потрошувачите.
Утврдувањето, пак, на одговорноста за штета од неисправен производ покрај одредбите Законот за потрошувачи во иднина ќе се применуваат и одредби од Законот за облигациски односи за одговорност за причинета договорна или вондоговорна штета.
Со новите измени се дефинира дека за неисправен производ се смета „производот кога не ја дава сигурноста што од таквите производи оправдано се очекува, земајќи ги предвид сите околности, вклучувајќи ги презентацијата на производот; намената за којашто може разумно да се очекува дека производот би се користел и датумот на пуштањето на производот во промет“.
Во обид да го вметне во законот и електронското тргување законодавецот ја дефинира и цената на дигитална содржина или дигитална услуга.
„Цена за дигитална содржина или дигитална услуга се пари или дигитален приказ на вредност што се должи во замена за снабдување со дигитална содржина или дигитална услуга“, се вели во Законот.
Законодавецот во однос на подобрување на информираноста на потрошувачите овозможува информативните ливчиња да се печатат на јазиците на кои говорат потрошувачите во земјава, па така во членот 6 од законот додава нова алинеја која гласи:
„Трговецот е должен информациите на потрошувачот да му ги даде на пишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо како и на друг службен јазик на територијата на С Македонија различен од македонскиот јазик, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот“.
Министерството за економија кое го подготви текстот вели дека главна цел е усогласување на регулативата со повеќе европски директиви поврзани со правата на потрошувачите.
Претседателката на Организацијата за заштита на потрошувачите Маријана Лончар Велкова, вели дека со предложениот Закон за потрошувачи земјава се доусогласува со 11 европски директиви.
– Законот и досега беше усогласен со европското законодавство, но знаете дека потрошувачкото право е мошне променливо и затоа се потребни редовни усогласувања, сѐ со цел да се подобри правото и да се заштитат потрошувачите од различни нечесни практики. За нас е важно што сега можеме колективно да ги застапуваме правата на потрошувачите, но е важно и тоа што се разграничи што е небезбеден, а што е неисправен производ бидејќи претходно неправилно се толкуваа овие изрази на штета на потрошувачите. Добро е што се прифати и регулирање на дигиталното купување и договорите од далечина – вели Лончар Велкова.
Но, вели таа, прашањето на правата на потрошувачите мора да се гледа комплексно бидејќи се остварува и преку други закони.
– На пример еко дизјанот на апаратите и машините, како и употребата на одредени материјали за производство се решаваат во законите за екологија. Последната директива за овој сегмент опфати само 5 производи, а тоа се апарати за домаќинства со што не се опфатени и другите кои се значајни за потрошувачите. Таму се решава и прашањето на достапноста на резервни делови за апаратите кој сега е за 7 до 10 години и други прашања. Тоа кажува дека прашањето е комплексно и бара учество на претставници на потрошувачите во сите сегменти. Досега имаме добра соработка со сите институции, но сепак сметам дека потрошувачкото законодавство е обемно и за негова имплементација е потребно да се ангажираат сите – вели Лончар Велкова.
Со новиот Предлог закон кој се усогласува со директивите на Европската Унија, велат од Министерството за економија во објаснувањето на текстот, се уредуваат одредби со кој се овозможува примена на европското право во областа на заштитата на потрошувачите, а воедно и појасно дефинирани обврски кои треба да ги исполнат трговците и правните лица спрема потрошувачите.
– Предложените решенија ќе придонесат да се креира модерна законска рамка, која обезбедува високо ниво на заштита на правата за потрошувачите и гарантира полесни услови за деловно работење, да се воспостави соодветна административна структура за развој и координација на оваа политика со сите други засегнати страни, да се зајакне независноста и репрезентативноста на здруженијата за заштита на потрошувачите, да се подобрат механизмите за поддршка на потрошувачите за решавање на нивните приговори и да се обезбедат соодветни услови за имплементација на политиките за безбедност на производи, сѐ со цел да се постигне понатамошен напредок во оваа област – велат од Економија.