Нема услови за онлајн судења бидејќи недостига опрема, изјави претседателот на Здружение на судиите , Џемаил Саити денеска при промоцијата на протоколот за спроведување мерки за заштита од ковид-19 во судовите.
Протоколот предвидува задолжително носење заштитна маска и држење социјална достанца, како и мерење телесна температура на влез во судската зграда, дезинфекција и проветрување на судниците.
Протоколот има советодавен карактер и е изработен со техничка и финансиска поддршка на ОБСЕ и ќе биде испечатен и дистрибуиран низ судовите во земјава.
Претседателот на Основниот кривичен суд во Скопје Иван Џолев, рече дека овие мерки и досега се применувале, но сега добиваат една поусогласена форма.
– Ова претставува едно продолжување и давање форма на се она што судовите го применуваа. Ова е форматирање и допрецизирање и на одлуката на Судскиот совет за функционирање на судовите и во пандемија – изјави Џолев.
Целта на овие протоколи, посочи тој, е да се обезбеди здравствена заштита на сите странки и вработените во судовите, како и обезбедување на функционалноста на судот.
Претседателот на Здружението на судии Џемали Саити, на промоцијата рече, дека протоколите содржат стандарди за кои се консултирани повеќе институции и се необврзувачки, но дека се добра основа и ќе помогнат во работата на судовите и на граѓаните.
– Можеби во блиска иднина и Судскиот совет ќе постапи тука со некоја нивна задолжителна примена – изјави Саити.
Услови за спроведување на судењата во Основниот граѓански суд засега има, смета судијката од Основниот граѓански суд Емилија Шопар Јованова.
– Засега немало проблем. Судницата е доволно голема да присуствува и странката и јавноста – изјави Емилија Шопар.
Изработени се 10 илјади флаери и 900 постери кои ќе бидат распределени низ сите судови во државата.