НЕМА ТРАГИ НА БОРБА, СИТЕ СЕ СО ПРОСТРЕЛНИ РАНИ ВО ГЛАВИТЕ Што откри првичната истрага за ритуалните погибии во Бугарија

Во моментов се разгледуваат две главни верзии – убиство по кое следува самоубиство или самоубиство извршено од повеќе лица - изјави заменик-обвинителката Наталија Николова.

1,156

Во Софија денеска се одржа заедничка прес-конференција на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството на Република Бугарија, на која беа презентирани најновите наоди од истрагата за шесте смртни случаи поврзани со настаните кај планинскиот превој Петрохан и под врвот Околчица. Претставниците на институциите нагласија дека истрагата е во напредна фаза, но дека сè уште не може да се зборува за конечни заклучоци.

Случајот, кој во изминатите денови ја потресе бугарската јавност, се однесува на два одделни, но меѓусебно поврзани настани. На 2 февруари беа пронајдени три тела во близина на запалена планинска колиба кај Петрохан, а неколку дена подоцна уште три лица беа откриени мртви во камп-приколка паркирана под врвот Околчица. Сите жртви починале од прострелни рани.






– Се работи за случај без преседан во нашата пракса – изјави директорот на Главната дирекција за национална полиција, Захари Васков, посочувајќи дека ваква комбинација на настани, со повеќе локации и повеќе жртви, досега не била регистрирана во Бугарија. Тој додаде дека истрагата се води со максимална сериозност и дека се разгледуваат сите можни верзии.

Обвинителката Христина Лулчева соопшти дека досега се наредени вкупно 18 судско-медицински, балистички и технички вештачења, а сослушани се 15 сведоци, меѓу кои и лица блиски до починатите. Според неа, обдукциите потврдиле дека сите шест лица починале од истрели во главата, при што не биле забележани траги што би укажувале на борба или на вмешаност на трети лица на самите локации.

– Во моментов се разгледуваат две главни верзии – убиство по кое следува самоубиство или самоубиство извршено од повеќе лица – изјави заменик-обвинителката Наталија Николова. Таа нагласи дека истражните органи внимателно ја анализираат поврзаноста меѓу двата настани, како и психолошката состојба и односите меѓу лицата кои биле дел од групата.

На прес-конференцијата беа прикажани и снимки од надзорни камери од областа кај Петрохан. На нив, според обвинителството, се гледа дел од групата во последните часови пред настанот, вклучително и моменти на разговор и разделување, што истражителите ги оценуваат како важен елемент за реконструкција на случувањата.

И покрај изнесените официјални информации, случајот предизвика реакции и сомнежи кај дел од јавноста и кај блиските на жртвите. Роднини на некои од починатите јавно ја оспоруваат верзијата за самоубиство и бараат целосно и транспарентно расветлување на настаните. Од обвинителството уверуваат дека истрагата продолжува и дека сите докази ќе бидат детално анализирани пред да се донесе конечна одлука.

Фото: Принтскрин

РИТУАЛНИ УБИСТВА, САМОУБИСТВА ИЛИ НЕШТО УШТЕ ПОЛОШО? Твин Пикс може вода да му носи на злосторството што ја потресе Бугарија

Поврзани содржини