НЕМА СИЛА ШТО МОЖЕ ДА ГО МИНИРА ПОПИСОТ Бојкотирачите ќе се бројат како статистичка грешка
Оние граѓани кои одбиваат да се попишат, влегуваат во статистичка грешка која е дозволена во секоја статистичка операција во светот, велат од Државниот завод за статистика (ДЗС).
Ризикот за делегитимирање на разултатите од пописот е минимален, па дури и непостоечки, а бојкотирачите на статистичката операција, колку и да се, треба да сфатат дека ѕид не се руши со глава, особено ако наумиле да го срушат без некоја посебна причина. Ваков е ставот на политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо, откако во јавноста почнаа да се поставуваат прашања дали и како би можел некој да ја „минира“ статистичката операција и да ги натера надлежните да го прогласат пописот за неуспешен.
Според аналитичарите, помалите етнички заедници во земјава се исплашени да не го загубат политичкото влијание во рамки на големите коалиции доколку резултатите од пописот покажат дека се помалубројни одошто сметаат дека треба да бидат.
Од друга страна, пак, Државниот завод за статистика (ДЗС) ни потврди дека бојкотирачите на пописот можат да се избројат на прсти и дека за разлика од неуспешниот попис во 1991 година кога бил активен масовен бојкот, сегашната операција се спроведува успешно според сите очекувања. Оние граѓани кои одбиваат да се попишат, појаснуваат од ДЗС, влегуваат во статистичка грешка која е дозволена во секоја статистичка операција во светот.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека приказната со пописот завршува на 30 септември, а крај на натпреварот ќе свирне меѓународната заедница која ќе ја прогласи статистичката операција за релевантна и успешна.
– Ако се попише најголем процент од вкупното население, а под најголем процент мислам на повеќе од 95 отсто, тогаш статистичката операција автоматски се прогласува за успешна. Во секоја работа има минус, но верувам дека надлежните имаат точна стратегија како да постапуваат во случаи кога некои граѓани одбиваат да учествуваат во пописот. Затоа не очекувам на 30 септември да слушнеме ништо друго освен дека пописот бил успешен, иако, според мене, не е успешен затоа што не беше прифатен и одобрен од сите политички субјекти во земјава. За таква важна политичка операција треба сите да се согласат и никој да не повикува на бојкот. Како и да е, приказната со пописот завршува на 30 септември и никој нема да може да го оспори фактот дека операцијата е успешно спроведена, особено откако меѓународната заедница ќе го прогласи пописот како релевантен – вели Пекевски.
Втора шанса, па и трета
Многу е мал процентот на граѓани кои одбиле да учествуваат во статистичката операција, а тој процент секојдневно се намалува, бидејќи самите граѓани почнуваат да сфаќаат колку е важен пописот за државата и дека нивното бојкотирање никому не оди во прилог, вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, за Плусинфо.
Пописот ќе се затвори на 30 септември и приказната завршува. Тоа значи дека никој нема да може да ги делегитимира резултатите.
– Ниту еден попис во светот не гарантира целосна покриеност, па затоа и ние водиме сметка за статистичката грешка. Работиме со комбиниран метод и ги имаме потребните регистри со податоци за сите наши граѓани. Па така, ако некој упорно бојкотира или нашите попишувачи никако не можат да го затекнат лицето во домот, ние ги отвораме регистрите и дознаваме дали лицето можеби е оправдано отсутно, или, пак, не сака да се попише поради некоја друга причина. Но, многу е важно тоа што не се соочуваме со активен бојкот на пописот. Наша должност е да го посетиме секое домаќинство, а должност на секое домаќинство е да учествува во статистичката операција. Има такви кои не сакаат да чујат за попис и упорно ги одбиваат попишувачите, па ние им праќаме наши луѓе кои ќе им објаснат за позитивните работи кои ќе произлезат од резултатите. На крајот, над 90 отсто од тие луѓе попуштаат и ги даваат потребните информации. Мал е бројот на граѓани кои сè уште не се попишале, ама ние повторно ќе им дадеме шанса да се предомислат, оти не сакаме никој да плаќа казна – објаснува Симовски.
На прашањето дали некоја политичка партија би можела да го делегитимира пописот по неговото завршување на 30 септември, Симовски рече дека таква опасност не постои.
– Некои политички партии водат активна кампања, односно пропаганда за бојкотирање на пописот. Но, освен тоа што таквото делување е навидум штетно за државата, сепак нема доволно моќ за да направи проблеми. Пописот ќе се затвори на 30 септември и приказната завршува. Тоа значи дека никој нема да може да ги делегитимира резултатите. Политичките партии можат да поднесуваат жалби колку што сакаат, но тоа не може да ѝ наштети на операцијата – вели Симовски.
Премал процент на бојкотирачи
Поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, вели дека пописот ќе биде прогласен за успешно спроведен без разлика на оние граѓани кои потклекнале на пропагандите за бојкот на статистичката операција.
Процентот на непопишани граѓани е излишен за пописот да биде прогласен за неуспешен.
– За сите граѓани кои не се дома во моментот кога попишувачите им тропнале на вратата за да ги попишат, добиваат писменце на кое е наведено дека следниот ден попишувачот повторно ќе дојде за да ја спроведе операцијата. Обично, таквиот начин на комуникација со граѓаните функционира, бидејќи и самите граѓани во најголем дел го почитуваат договорот и ги очекуваат попишувачите повторно да пристигнат. Сепак, има и такви кои и покрај сите напори на Државниот завод за статистика и објаснувања за потребите од пописот, упорно одбиваат да учествуваат во статистичката операција – рече Герасимовски.
За среќа, додава тој, бројот на тие што бојкотираат е премал, па процентот на непопишани е излишен за пописот да биде прогласен за неуспешен.
– Во 1991 година, на пример, се соочивме со масовен бојкот на пописот, па тогаш бевме принудени да ја прекинеме операцијата. Но, сега таков проблем не постои и пописот ќе биде прогласен за успешно спроведен без разлика на оние што потклекнале на пропагандите за бојкот што ги водат некои политички партии. На 30 септември ќе се означи крајот на статистичката операција, а резултатите од пописот никој нема да може да ги оспори. Пописот сигурно ќе биде признаен и од страна на меѓународната заедница, па ниту една политичка партија во земјава нема да може да го делегитимира. Освен техничките проблеми и хакерските напади со коишто се соочивме на почетокот на операцијата, можам да кажам дека сум горд поради тоа што статистичката операција поминува онака како што очекував – објаснува Герасимовски за Плусинфо.
Услови и очекувања
Политичката партија Левица, отворено, јавно и недвосмислено води кампања за бојкотирање на пописот во земјава и тврди дека методологијата е на штета на Македонците. Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, тврди дека 200.000 Македонци досега одбиле да соработуваат со попишувачите, а тоа, според него, е доволен процент за да се прогласи пописот за неуспешен.
Од друга страна, Денис Селмани од здружението „Аваја“ рече дека некој врши притисок врз Ромите во Македонија и дека ги тера да не се попишуваат како Роми. Тој очекува дека резултатите од пописот ќе покажат дека во Македонија живеат околу 100.000 Роми, односно 4 проценти од вкупното население.
Најава за можно непризнавање на статистичката операција испрати и Емин Хусрев од координативното тело за попис на Турците во Македонија, кој рече дека турската заедница нема да признае резултат кој вели дека во земјава живеат помалку од 7 проценти Турци.
Слична е ситуацијата и со Албанците во Македонија, а Арбер Адеми од ДУИ уште во јануари годинава рече дека албанската заедница нема да го признае пописот ако Албанците се под 20 проценти. Пратеникот од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Халил Снопче, пак, рече дека Албанците во Македонија се над 29 проценти.
Во истиот ред застанаа и бугарските политичари кои тврдат дека 130.000 македонски граѓани имаат бугарски пасош, па оттаму очекуваат процентот на Бугари во Македонија да се рефлектира и во пописните резултати.