НЕМА ПРОТЕКЦИИ ЗА СИНОТ НА ПРИНЦЕЗАТА Мете-Марит е тешко болна, син ѝ не го пуштаат од затвор да ја посети
Апелационите судии го задржале притворот за синот на норвешката принцеза Мете-Марит која е во болница и не му дозволуваат да ја посети, поради ризик од повторување на делото
Мариус Борг Хојби, синот на норвешката принцеза Мете-Марит, нема да биде пуштен од притвор за да ја посети својата болна мајка во болница, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на одлука на апелациониот суд.
Судот заклучи дека „сè уште постои голема веројатност Хојби да направи и други кривични дела ако биде пуштен“, објави норвешкиот јавен радиодифузен сервис НРТ.
Извештајот дојде откако понискиот суд во Осло во понеделникот (8.јуни) дозволил Хојби, кој е обвинет за силување, да биде пуштен, но обвинителите веднаш се пожалиле на одлуката.
Полицијата долго време се спротивставуваше на неговото ослободување, објави германската новинска агенција ДПА.
29-годишниот Хојби се соочува со низа обвиненија, вклучувајќи четири точки за силување, а неговата пресуда ќе биде објавена во понеделник (15 јуни). Обвинителството бара затворска казна од седум години и седум месеци, додека одбраната побара ослободителна пресуда по обвиненијата за силување.
Неговата мајка, Мете-Марит, има сериозни проблеми со белите дробови и е во болница.
Таа е ставена на листа на чекање за трансплантација на бели дробови откако нејзината состојба значително се влоши, а без операција веројатно ќе живее само една година, соопштија нејзините лекари во петокот.
Кралското семејство објави во декември дека на сопругата на престолонаследникот ѝ се потребни нови бели дробови.
52-годишната жена има неизлечива белодробна фиброза, хронична болест која предизвикува лузни на белите дробови и им го отежнува внесувањето кислород поради задебелување на ѕидовите, а таа секојдневно користи концентратор на кислород.
– Седењето таму додека мајка ми е толку болна е неподносливо – рече Хојби за време на сослушувањето на судот во Осло, според весникот „Верденс Ганг“.
Тој рекол дека му е многу тешко што не може да ја поддржи мајка си во нејзината ситуација и инсистирал дека сега „никогаш не би направил ништо што би ја влошило ситуацијата“.