НАСПРОТИ МИСЛЕЊЕТО НА ПОВЕЌЕТО ПРАВНИЦИ, ТОА Е МОЖНО! Професорот Калајџиев вели дека на Миле Јанакиески може да му се засметаат притворите од разни предмети во казната за „Титаник“
Законите се пишуваат по претпоставка еден обвинет една постапка. Ако случајот е комплексен (inter alia еден обвинет 10 постапки, решенијата ги бараме во правните принципи (R. Dworkin). Принципот на правичност бара фер компензација (restitutio in integrum), пишува универзитетскиот професор Гордан Калајџиев.
Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев на Фејсбук порача дека нема законска пречка досегашното време поминато во притвор на осудениот Миле Јанакиевски за различни судски постапки да му се смета во правосилната казна за случајот „Титаник“ иако според него, популарното мислење кај повеќето правници во земјата е дека тоа не е законски можно.
Калајџиев напиша:
„Нема вистинска пречка притворите од различни постапки на осудениот да му се засметаат во правосилна казна; повеќето (ограничени) правници ќе тврдат дека тоа не е предвидено во закон! Законите се пишуваат по претпоставка еден обвинет една постапка. Ако случајот е комплексен (inter alia еден обвинет 10 постапки, решенијата ги бараме во правните принципи (R. Dworkin). Принципот на правичност бара фер компензација (restitutio in integrum)“.
Објавата на Калајџиев доаѓа откако вчера Јанакиески беше однесен во затворот Идризово на отслужување на затворската казна од три ипол години, а неговите адвокати побараа спојување на притворите. Вкупното времетраење на притворите кои ги издржал Јанакиески е 4 години и 8 месеци, за повеќе судски предмети.
Објавата на професорот Кајалџиев предизвика лавина реакции од кои голем дел го поддржаа во ставот дека одлежаното треба да му се признае на Јанакиески.
Aдвокатот на Јанакиески, Еленко Миланов, пред два дена изјави дека никаде не е определено ниту дека од разни предмети може да се спојуваат, но исто така никаде не е забрането тоа да се чини.
– Ако се толкуваат законските одредби онака како што во нив е наведено, таква законска можност постои – рече Миланов.
Јанакиески е единствениот кој доби затворска казна за случајот „Титаник“, откако во понеделникот скопска апелација му ја намали казната од четири и пол на три и пол години затвор. Дел од обвинетите во овој случај, меѓу кои и Јанакиески, признаа вина.
Титаник е првиот случај за кој на почетокот на 2016 година, тогашното СЈО, специјално јавно обвинителство, отвори истрага за кривични дела против изборите и гласањето.