НЕМА НОВИ ОСТАВКИ, АМА НЕМА НИ РЕЗЕРВИ На Филипче му треба време да го консолидира СДСМ

На прашањето за одговорност за резултатите од изборите, Филипче рече дека „и за пораз и за победа никогаш не е на еден одговорноста, секогаш е колективна“, додавајќи дека имало општини каде што СДСМ имало добри резултати. 

531

Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција рече дека му е потребно време за консолидација на партијата по резултатите од вториот круг на локалните избори и оставките на членови на раководството.

– Јас ги најавив промените во раководството, во политиките итн. Нашата идеолошка база и политики остануваат исти. Работиме подолг временски период на програмата. Се однесува на повеќе сектори согласно нашите вредносни системи. Таа во периодот кој што следи ќе биде презентирана во јавноста. Работиме и на проширување на опозициската платформа, не само за политички чинители и за многу други граѓански организации затоа што сметам дека ние сме единствената политичка сила која може да парира и да се соочи со ВМРО-ДПМНЕ – рече Филипче.






Според него, една од лекциите што ги научиле од овие локални избори е дека за да се спротивстават на владејачката партија потребен е поширок и посилен фронт.

Нови оставки во раководството на партијата нема, кажа Филипче, но исто така и нема нови лица кои би ги замениле оние што дадоа оставки. Претседателот на СДСМ рече дека е потребно повеќе време за тоа и оти разговара со многу луѓе, дека ги следи негативните реакции на социјалните медиуми и смета дека се реакции на неисполнети очекувања.

– Сите се потребни во партијата. Од бројните разговори ќе ги најдам најдбрите луѓе што ќе бидат дел од тимот во следниот период. Ветив дека тоа ќе се случи оваа недела, но сепак ќе треба повеќе време. Не сакам да се избрза со тој процес, но секако навремено ќе ве информирам – рече Филипче.

На прашањето за одговорност за резултатите од изборите, тој рече дека „и за пораз и за победа никогаш не е на еден одговорноста, секогаш е колективна“, додавајќи дека имало општини каде што СДСМ имало добри резултати.

– Јас сум задоволен, зголемување на гласовите споредбено со лани од 40 до 100 проценти. И тука покажавме добра партиска работа, консолидација и заедништво. За жал има и други општини каде што тоа не се случи – рече Филипче.

Во однос на Изборниот законик, рече дека треба сите политички партии да се вклучат и да се донесе со консензус, и оти се спремни да разговараат за која било теза.

– Наш став ќе биде дека влегуваме во таа дискусија да се зборува за отворени листи – рече Филипче.

Во однос на ставот на Левица дека по резултатите од локалните избори и тие треба да имаат член во Државната изборна комисија, претседателот на СДСМ рече дека треба да се направи анализа и да се види врз основа на што Димитар Апасиев, претседател на Левица го темели тоа.

Според Филипче, пратеничката група на СДСМ во Собранието е единствена.

 

Поврзани содржини