НЕМА НОВИ ДАНОЦИ ЗА СТУДЕНТИТЕ Демант од УЈП за обврските од работа во Германија

Управата за јавни приходи појасни дека нема нови даночни обврски за студентите кои работеле во Германија и дека не станува збор за двојно оданочување.

0

Управа за јавни приходи соопшти дека нема нови даночни обврски за студентите кои работеле во странство, ниту пак се воведува двојно оданочување на веќе оданочени приходи.

Реакцијата доаѓа по медиумски написи дека студентите се „на удар“ и дека им се бара плаќање данок за сезонска работа во Германија во последните пет години. Од УЈП велат дека станува збор за редовна примена на законските правила и информирање на граѓаните.






„УЈП не наметнува нови обврски, ниту бара исполнување на обврски кои не се законски регулирани. Активностите се насочени кон воспоставување ред во оданочувањето и еднаква примена на законските правила за сите даночни обврзници“, соопштија од Управата.

Од институцијата додаваат дека целта не е санкционирање, туку поттикнување на доброволно пријавување на приходите.

„Со овие активности никој не е ‘на удар’, туку станува збор за мерки насочени кон подигање на свеста за законските обврски и обезбедување поддршка за нивно правилно и навремено исполнување“, наведуваат од УЈП.

Во соопштението се нагласува дека не може да има двојно оданочување, бидејќи меѓународните договори прецизно утврдуваат каде се плаќа данокот. Сепак, секој резидент на Македонија има обврска да го пријави доходот остварен во странство.

„Секое физичко лице – македонски даночен резидент има обврска да го пријави доходот остварен во земјата и во странство, согласно Законот за данокот на личен доход“, појаснуваат од УЈП.

Од Управата посочуваат дека студентите кои работеле во Германија пократко од 183 дена се сметаат за даночни резиденти на Македонија и имаат обврска да го пријават доходот преку системот за е-даночни услуги. Данокот, според важечките прописи и договорот за избегнување двојно оданочување меѓу двете земји, се плаќа во Македонија.

УЈП информира дека до граѓаните биле испратени и персонализирани известувања со цел навремено да бидат информирани за законските рокови, нагласувајќи дека целта е транспарентност и правилна примена на правилата.

Поврзани содржини