НЕМА НИ ДА ПОЧУВСТВУВАТЕ ДЕКА СТЕ ХИПНОТИЗИРАНИ Психолозите и свештениците го сметаат истерувачот на демони Кајшаров за опасен манипулатор
Многумина кои оделе на терапија кај Константин Кајшаров подоцна се соочиле со дополнителни ментални и психолошки пореметувања, со сериозна духовна и теолошка збунетост, па потребно било време за да си дојдат при себе и да се вратат во нормала, објаснува за Плусинфо презвитер Ивица Тодоров.
„Некои лесноверни луѓе ќе се прелажат и ќе си резервираат саботна сеанса кај самопрогласениот надри-лекар и растерувач на духови Константин Тино Кајшаров, но всушност не се свесни дека без нивно знаење ќе бидат хипнотизирани и дека во тој момент од нив можат да бидат извлечени некои потиснати работи кои во иднина можат да им предизвикаат сериозни проблеми“.
Вака психолозите ја коментираат работата и делувањето на биоенергетичарот Кајшаров, кој за в сабота во главниот град подготвува голем настан на кој „бесплатно ќе исцелува луѓе, ќе ги ослободува од демони, проклетства и од магии“.
Плусинфо разговараше и со свештеници од Македонската православна црква (МПЦ-ОА), кои тврдат дека зад ликот и делото на Константин Кајшаров се крие класичен манипулант и лажливец, а воедно бараат од институциите во државава веднаш да реагираат и да го спречат одржувањето на саботниот исцелувачки настан.
Свештеникот Бобан Митевски, доскорешен шеф на Кабинетот на г.г. Стефан, во разговор за Плусинфо вели дека Константин Кајшаров е познат во македонската јавност како голем манипулант, бидејќи користи и нуди нешто за коешто нема благослов, а штом нема благослов, појаснува тој, тогаш нема ни благодет.
Кајшаров едно време беше истерувач на духови, а потоа купи франшиза од една протестантска црква и стана протестант. Потоа ги измеша и едното и другото. Сега е во исто време протестант и истерувач на духови, демони и растурач на магии.
– Исцелението е внатре во црквата и се знае дека Господ го дарува на оние што го дарува, но тие луѓе не ја објавуваат својата моќ на камбана и не се фалат со тоа. Кога ги читаме житијата на светиите гледаме дека сите оние коишто имале дар од Бога или се прозорливи, тие се повлекувале, се криеле и не го истакнувале таквиот дар. А Господ, ако благоволел за некој да си ја најде утехата, сигурно ќе им овозможел на тие луѓе да ги пронајдат даруваните. Но, на крајот на краиштата, исцелението е во црквата преку благодатните дарови коишто се нудат во самата Црква – вели отец Бобан.
Тој смета дека клучна улога во случајов треба да одигра државата, чија задача е веднаш да реагира и да го забрани најавениот саботен настап на Кајшаров во главниот град.
– Кајшаров едно време беше истерувач на духови, а потоа купи франшиза од една протестантска црква и стана протестант. Потоа ги измеша и едното и другото. Сега е во исто време протестант и истерувач на духови, демони и растурач на магии. Исцелување може да врши само оној којшто го има навистина примено господовиот дар, а тоа се луѓе коишто Црквата ги благословува. И ние, свештениците коишто сме ракоположени ја имаме благодатта за егзорцизам, а тоа, на пример, го правиме на самите крштевки. Најпрво ги читаме егзорцистичките молитви, а потоа следува прифаќањето на православната вера. Но, има и еден сет на василиеви молитви, коишто се исто така егзорцистички и се наменети за демоноопседнати луѓе. И со тоа треба човек многу внимателно да се занимава. Во случајов со Кајшаров, државата треба веднаш да реагира и да не дозволи да ни се случуваат вакви работи кои се во насока на измама. Значи, државата мора да го спречи саботниот настан во главниот град, бидејќи, впрочем, не станува збор за регистрирана дејност – објаснува отец Бобан.
Ист став дели и презвитер Ивица Тодоров, кој воопшто не се ни обидува да го сокрие своето мислење дека Кајшаров е манипулант и лажливец, додека, пак, луѓето коишто одат на лекување кај него се ништо друго освен „класични лудаци“.
– Го знаеме Кајшаров уште многу одамна, не е тој нов манипулант на сцената. Станува збор за голем манипулатор, а луѓето коишто одат кај него се обични лудаци. Низ годините сум водел сериозна дебата со него и знам многу работи околу неговата кариера. Проблемот е во тоа што не постојат закони во државава кои би ги забраниле тие нешта кои ги изведува Кајшаров врз народот. Тој манипулира и ја злоупотребува наивноста на луѓето, а главна мета му се оние кутри граѓани кои чувствуваат огромна болка и кои имаат тешка мака – објаснува отец Тодоров.
Познавам многу луѓе, додава тој, кои оделе на терапија кај Кајшаров, а потоа повторно се вратиле в црква со двојно влошено здравје.
– За волја на вистината, многумина кои оделе на терапија кај Кајшаров, подоцна се соочуваат со дополнителни ментални и психолошки пореметувања, со сериозна духовна и теолошка збунетост, па потребно беше време за да си дојдат при себе и да се вратат во нормала. Мој совет е луѓето да проверуваат каде одат, со кого разговараат и да не бидат лесноверни. Луѓето си се такви какви што се. Црквата е активна, ние свештениците сме постојано во црквите, работиме, разговараме со верниците, но едноставно на некои луѓе не можеш да им објасниш. Нашиот народ, за жал, е лесноверен, леснокуплив и површен, па затоа се наоѓаме онаму каде што се наоѓаме – вели отец Тодоров.
Психологот Ангела Будиноска објаснува дека на терапија кај такви како Константин Кајшаров најчесто одат сугестибилни луѓе кои лесно потпаѓаат под влијание на такви надрилекари и истерувачи на демони.
– Одат и луѓе кои си имаат голема мака, кои се обиделе со сѐ и сешто за да си ја излечат маката, па не гледаат проблем да си ја пробаат среќата и кај некој таков каков што е Кајшаров. Психолошки гледано, многу е полесно да ја префрлиш одговорноста кај некој друг наместо кај самиот себеси. Всушност, можноста за контрола луѓето ја гледаат надвор од нив, бидејќи така им е полесно. Во случајов, тие ја префрлаат одговорноста кај Кајшаров и чекаат тој да им помогне – објаснува Будиноска.
Таа се присетува на една позната изрека што ја користел еден нејзин ценет професор на факултетот во Белград: „Треба да сте премногу глупави за да може некој да ве хипнотизира“.
– Многу е лесно да хипнотизираш некого и подоцна да извлечеш нешто од него. Но тој врз кого ја вршиш хипнозата треба да биде крајно сугестибилен човек, а когнитивните капацитети не треба да му се баш на највисоко ниво. Во превод, доколку смеам така да се изразам, тие луѓе кои дозволуваат толку лесно да им се изврши хипноза од некој надрилекар или биоенергетичар, се прилично глупави луѓе. Ги гледав видеата на кои е прикажано како всушност работи Кајшаров и заклучив дека станува збор за класична хипноза. Тој ги хипнотизира присутните и ги изнесува потиснатите работи од нив. Луѓето не се ни свесни дека се хипнотизирани, тоа е проблемот. Јас како психолог сакам да им порачам на луѓето да посетат психотерапевт затоа што тој ќе им помогне на најсвесно ниво да можат да работат на самите себе, а не да очекуваат некој друг да ги „извади демоните“ од нивните души – објаснува Будиноска.
Многу е лесно да хипнотизираш некого и подоцна да извлечеш нешто од него. Но тој врз кого ја вршиш хипнозата треба да биде крајно сугестибилен човек, а когнитивните капацитети не треба да му се баш на највисоко ниво.
Со оглед на тоа што станува збор за самопрогласен надрилекар, мислење побаравме и од Лекарската комора со цел да дознаеме дали е дозволено човек да се занимава со надрилекарство и што е потребно да се преземе во таков случај.
Оттаму велат институциите да преземат мерки секаде каде што постојат сомнежи дека има надрилекарство.
„Лекарската комора на Република Северна Македонија како самостојна и професионална организација на докторите на медицина согласно своите надлежности се залага за унапредување на лекарската професија и подигнување на квалитетот на здравствената заштита, кој е поврзан со стручната работа на докторите и практикувањето на медицина заснована на докази. Лекарската комора се бори и е против надрилекарство и смета дека треба да се работи на подигнување на јавната свест за опасностите од неговото практикување. Во таа насока Лекарската комора инсистира надлежните институции да преземат мерки за сите случаи во кои постои сомневање дека се работи за надрилекарство, а до пошироката јавноста би упатиле порака дека лекувањето на болестите и следењето на состојбите треба да се прави исклучиво во консултација со лекар, со цел да се постигне најдобар резултат во лекувањето и да се избегнат несакани компликации“, ни одговорија од Лекарската комора.
Инаку, по нашата вчерашна објава за настанот со наслов: „В САБОТА ВО СКОПЈЕ ЌЕ ИСТЕРУВА ДЕМОНИ И МАГИИ Нашол Кајшаров овци, нека ги стриже“, која предизвика бура од реакции на социјалните мрежи, на Фејсбук се јави лично Кајшаров за да објасни кој е и што е.
„Пастор сум скоро 10 години во црквата Блага Вест и не сум самопрогласен, туку назначен пастор. Не сум исцелител, но Бог исцелува, јас сум негов служител. Во нашата црква молитвите за исцелување и сите други црковни активности се бесплатни. Како магистер по кинезитерапија работам професионално во својата ординација, нудејќи терапевтски услуги. Магистрирав клиничка и советодавна психологија. Автор сум на 40 книги и 8 музички албуми. Татко сум на 4 деца, живеам за да го славам Господ Исус Христос“, напиша Кајшаров.
Инаку, неговиот тим уште вчера објави дека оваа сабота во Скопје од 18 часот ќе организира „исцелување, ослободување од демони, од проклетства и од магии“.
Заинтересираните треба да направат резервација, а учеството е бесплатно, наведуваат оттаму.
Ваквата објава предизвика бројни коментари на социјалните мрежи. Многумина предупредуваат дека, иако пишува дека лекувањето е бесплатно, тој „дебело“ наплаќа за сеансите.
В САБОТА ВО СКОПЈЕ ЌЕ ИСТЕРУВА ДЕМОНИ И МАГИИ Нашол Кајшаров овци, нека ги стриже! (ВИДЕО)