НЕМА НАУЧНА ПОТВРДА ДЕКА ОСТАНКИТЕ СЕ НА ЦАР САМОИЛ Бугарија и Грција немаат правна основа за нивно примопредавање
Професорот по средновековна историја и копретседател на ОМО Илинден-Пирин вели дека ќе добие и политичка димензија и ќе биде злоупотребена за поткрепување на историските наративни на Бугарија и Грција спрема Македонија.
Не е научно потврдено дека посмртните останки кои Софија ќе ги добие в сабота се на цар Самоил, ниту пак Бугарија и Грција имаат правна основа за нивно предавање, вели историчарот Стојко Стојков за порталот МКД.
Стојков, професор специјализиран за средновековна историја и копретседател на ОМО Илинден-Пирин, смета дека нивното предавање не е само историско, туку и правно прашање.
Тој вели дека церемонијата ќе добие и политичка димензија и ќе биде злоупотребена за поткрепување на историските наративни на Бугарија и Грција спрема Македонија.
– Овој чин на примопредавање на останките на цар Самоил што го договориле Бугарија и Грција не е само историско прашање, туку и правно. Бугарија нема правна основа да ги бара тие останки – ниту се пронајдени па изнедени од нејзина територија, ниту ѝ припаѓале на Бугарија, а ниту е потврдено дека тие останки се воопшто на цар Самоил. Откриени се на грчкиот дел од Преспа, на островот Свети Ахил, пред педесетина години и не е потврдено дали се од цар Самоил. Можеби се, а можеби и не се.
Стојков ја става најавената размена и во поширок контекст на долгогодишната соработка меѓу Софија и Атина. Тој потсетува дека разговорите за размена на историски артефакти траат уште од периодот кога Бугарија влезе во ЕУ.
– Оваа соработка за размена за артефакти меѓу Бугарија и Грција се договора уште од времето кога Бугарија влезе во ЕУ, некаде од 2007/2008 година. Грција веќе долго време бара враќање на артефакти од нејзината територија, разнесени низ светот, па и овој договор со Бугарија е во тој контекст – вели Стојков.
Тој смета дека Македонија треба да отвори и прашање за артефактите што, според него, биле изнесени од нејзината територија за време на бугарските окупации.
– Бугарија веќе има опљачкано многу артефакти од Македонија, во време на окупациите што ги извршила на македонска територија. Можеби окупациите не биле временски долги, но доволно за пљачкање на артефакти, со изговор дека се „бугарски“. Македонија, како држава треба да ги побара тие артефакти украдени од нејзина територија – смета Стојков.
Според грчките медиуми цитирани во изворниот текст, Бугарија за возврат треба да ѝ предаде на Грција православни културно-историски артефакти изнесени од два манастира во областа Драма за време на Првата светска војна.