НЕМА МИР ВО УКРАИНА БЕЗ ПОВЛЕКУВАЊЕ ВО БАЛТИКОТ Руски министер постави нов услов за НАТО
Без решавање на овој фундаментален и најакутен проблем за нас, едноставно е невозможно да се реши сегашниот конфликт во евроатлантскиот регион, рече рускиот заменик-министер за надворешни работи во врска со проширување на НАТО на Исток.
Војната во Украина нема да заврши сè додека НАТО не ги повлече своите сили од балтичкиот регион, изјави Сергеј Рјабков, заменик-министер за надворешни работи на Русија. Коментарите на Рјабков, според „Њузвик“, означуваат промена во ставот на Кремљ.
– Американската страна бара практични чекори насочени кон отстранување на фундаменталните причини за фундаменталните противречности меѓу нас во областа на безбедноста… Меѓу овие причини, проширувањето на НАТО е во преден план. Без решавање на овој фундаментален и најакутен проблем за нас, едноставно е невозможно да се реши сегашниот конфликт во евроатлантскиот регион – рече Рјабков во интервју за руската агенција Тасс.
Трите балтички земји, Литванија, Латвија и Естонија сега работат на зајакнување на балтичката одбранбена линија, дел од границата со Белорусија и со Русија во должина од 1.000 километри. Клучен елемент во одбранбената стратегија на трите земји е бариера од 1.000 бетонски бункери заедно со ровови, противтенковски јами, муниција депонии и со засолништа за снабдување.
Минатиот месец, три руски извори запознаени со преговорите водени од Вашингтон изјавија за Ројтерс дека условите на рускиот лидер Владимир Путин за завршување на војната во Украина вклучуваат писмено ветување од западните лидери да го запрат проширувањето на НАТО кон исток.
НАТО одржува силно воено присуство во балтичките држави.