НЕМА ЛИ ДА БИДЕ КАКО СО НЕСРЕЌАТА КАЈ ЛАСКАРЦИ? За трагедијата во Бугарија ќе има одговорност, ветува Спасовски
Заведен е посебен предмет во Обвинителството кој треба да ги утврди сите факти и докази кои се во корелација со несреќата и со незаконското работење на компанијата. Заведовме и посебна оперативна обработка која нема да се однесува само на една компанија, туку на сите фирми и институции. Ќе се прават проверки за секој аспект: од добивање лекарски уверенија на возачите до добивање лиценци. Секаде каде што ќе се утврдат пропусти и неправилности, ќе има одговорност - истакна Спасовски.
Дали се приведени некои лица во врска со автобуската несреќа во Бугарија, јавноста ќе биде информирана во соодветен момент, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на попладневната прес-конференција во Владата.
Како што соопшти Спасовски, лицата се достапни, тука се и се разговара со нив врз основа на наредби од Јавното обвинителство (ЈО). Пронајдено е нешто и во компјутерите што беа одземени од туристичката агенција, но и тоа се факти кои ќе ги анализира ЈО.
Деталите не може да се кажат сега, потенцира министерот, зашто истрагата се води во органите, а не во медиумите.
– Истрагите се водат во институциите, а не во јавноста. Слушајте ги официјалните информации што се пренесуваат од страна на надлежните органи, се друго е шпекулација – напомена министерот.
Спасовски информира и дека е заведен посебен предмет во Обвинителството, за да бидат утврдени сите аспекти поврзани со правното лице и да има одговорност.
– Заведен е посебен предмет во Обвинителството кој треба да ги утврди сите факти и докази кои се во корелација со несреќата и со незаконското работење на компанијата. Заведовме и посебна оперативна обработка која нема да се однесува само на една компанија, туку на сите фирми и институции. Ќе се прават проверки за секој аспект: од добивање лекарски уверенија на возачите до добивање лиценци. Секаде каде што ќе се утврдат пропусти и неправилности, ќе има одговорност – истакна Спасовски.
Во однос на одговорноста, тој го впери прстот и кон одолговлекувањето на постапките.
– Одговорноста е едно од најважните прашања. Многу е важно да имаме ефикасни постапки. Сметам дека не само интуициите кои постапувале пред истрагата или во истражната постапка, туку и во рамки на судските постапки треба да биде динамично. Ако тоа не е случај, а гледаме дека со Ласкарци тоа не е случај, ќе треба да се носи и друга одговорност. Секој од нас нема да верува во системот во кој има одложување на правдата. Затоа ќе мора час поскоро сите институции да бидат ставени во функција за да има конкретна одговорност. Инаку, сите контроли, постигнувањето добри резултати во однос на жртви и повреди, сиот кредибилитет го рушат еден или два случаја со загинати и постапки кои се одолговлекуваат во судските лавиринти – рече Спасовски.