НЕМА ИЗГОВОР, СТАВИ ПОЈАС! Ништо не е поважно од безбедноста на патниците, порачуваат од РСБСП
Доколку некои од патниците немаат ставено заштитен појас, посочуваат од РСБСП, возачот не треба да започне со возење.
„Штом ќе седне возачот во возилото, веднаш треба да го стави сигурносниот појас. Ништо не е поважно од безбедноста! Затоа и на возачите и на патниците им препорачуваме да користат сигурносен појас и да придонесат за поголема безбедност во сообраќајот!“.
Ваков апел до сите возачи испраќа Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП).
„Сигурносниот појас е склоп од ремени со сигурносно копче, уред за приспособување и приклучоци коишто можат да се врзат во возило на моторен погон и е проектиран да го намали ризикот од повреди на лицето што го носи во случај на судир или на ненадејно забавување, со ограничување на подвижноста на телото на лицето кое го носи. Не само возачот, туку и секој патник во возилото треба да користи сигурносен појас. Придобивки од користењето на сигурносен појас се: – овозможува заштита при нагло запирање на возилото или во случај на сообраќајна незгода; ја намалува веројатноста за смрт или сериозна повреда при сообраќајна незгода; спречува исфрлање на патниците од возилото во случај на сообраќајна незгода или превртување на возилото; комбинираното делување на сигурносниот појас и воздушното перниче ја зголемува безбедноста на патниците. Сигурносните појаси се сметаат за ефективни доколку се правилно прицврстени во возилото и доколку правилно се користат. Затоа РСБСП препорачува возачот, веднаш штом седне во возилото, да го стави сигурносниот појас, возачот да им укаже на сите патници во возилото да ги користат сигурносните појаси на секое седиште каде што се вградени“, наведено е во соопштението.
Доколку некои од патниците немаат ставено заштитен појас, посочуваат од РСБСП, возачот не треба да започне со возење.
„Сигурносниот појас секогаш треба да биде регулиран на соодветна висина, да се постави така што дијагоналниот ремен да не го допира вратот и правилно да преминува преку рамото. Без разлика дали возилото е опремено со воздушни перничиња, секогаш да се користи сигурносен појас. Вози одговорно! Стави појас!“, порачуваат од РСБСП.