НЕМА ИМПРОВИЗАЦИИ, ЗАКОНОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ГО РАБОТЕВМЕ СО АКАДЕМСКАТА ЗАЕДНИЦА Oд едукацијата зависи иднината на земјата, вели Мицкоски
Денес имаме воспоставен вистински партнерски однос со академската заедница. Добрата намера беше препознаена и заедно работевме на креирање на нов закон за високото образование кој ќе одговори на реалните предизвици и ќе отвори нови перспективи, рече првиот човек на Владата за новиот закон за образование.
Образованието е најмоќното оружје кое можете да го искористите за да го промените светот, изјави премиерот Христијан Мицкоски на заедничка прес-конференција со министерката за образование во Владата.
– Долго време во нашата држава се правеа експерименти со нешто кое не смее да биде предмет на импровизација – со образованието. Токму образованието е фундаментот врз кој се гради секое општество – порача премиерот во врска со новиот закон за високо образование кој го подготвува Владата.
Мицкоски посочи дека затоа Владата избра поинаков пристап.
– Веруваме дека напредокот не се гради преку наметнување туку со партнерство. Денес имаме воспоставен вистински партнерски однос со академската заедница. Добрата намера беше препознаена и заедно работевме на креирање на нов закон за високото образование кој ќе одговори на реалните предизвици и ќе отвори нови перспективи – рече премиерот.
За Мицкоски законот не е политичко туку државно прашање од кое зависи иднината на земјата.
Меѓу новините, рече, е тоа што првпат најдобрите студенти ќе имаат предност при вработување на државните универзитети, се воведува и нов модел на финансирање на високообразовните установи.
Осврнувајќи се на претходните законски решенија, тој рече дека кога се прават погрешни чекори, последиците ги чувствуваат генерации.
– Не само денес туку и утре. Долго време високото образование трпи големи штети поради тоа што такво законско решение се донесе во 2018-тата година. Не чинеше едно, се донесе уште полошо. Намалени прагови за напредување во звања, намалена научна продукција, намалена финансиска поддршка за универзитетите донесоа и намален квалитет. Во исто толкав период не е спроведена ниту една сериозна евалуација, ниту се нотирани слабостите, ниту се предложени суштински решенија. А потребата за промена е очигледна. Како Влада не можеме да си дозволиме да замижиме и да оставиме уште една изгубена деценија позади нас. Ова е наша одговорност и наша должност – истакна премиерот.
Мицкоски соопшти дека 7,5 милијарди денари е буџетот на универзитетите и дека е значително поголем од минатата година, додавакјќи дека тој тренд ќе продолжи.
Додаде дека фокусот ќе биде и на науката, поддршка на научни трудови, за нашите универзитети, како што рече, повторно да бидат препознаени како центри на квалитет и иновации.
Министерката Јаневска ги соопшти предностите на новиот закон и посочи дека во неговото креирање се слушнати мислењата на дебатите организирани на сите универзитети и оти се вградени сите конструктивни и аргументирани забелешки.
Министерката Јаневска ги соопшти предностите на новиот закон и посочи дека во неговото креирање се слушнати мислењата на дебатите организирани на сите универзитети и оти се вградени сите конструктивни и аргументирани забелешки.