НЕМА ГРАДИЛИШТЕ А ПАРИ СЕ ИСПЛАЌААТ Стоилковски вели дека за предградежни активности се платени 117 милиони евра
Единствена активност во оваа држава е плаќањето 117 милиони евра, без работа на терен. И таа сума ќе надмине 300 милиони, заради пенали, пак без работа на терен, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски во врска со договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10Д.
– Една од ставките која што ги предвидува финансиски импликации во висина од 117 милиони евра се однесува на дел од Договорот наречен contractor establishment payment. Страница 119 од договорот, или втора страница од делот Schedule 1. Ова е ексклузивно дел од Договорот којшто власта го крие, а свиркач го достави до ВМРО-ДПМНЕ. Во слободен превод: „Плаќањето се ресурси за проектот за изведувачот, да се иницираат предградежни и административни активности, како што се формирање канцеларија на изведувачот, кампови и капацитети за поддршка на предградежните активности, подготовки, планот за безбедност на локацијата и здравје, првична испорака на опрема и материјали“ (ама веројатно материјали за кампот и канцелариите) како „и формирање лабораторија“. Сѐ ама нема градилиште, нема градба, а пари се исплаќаат! – рече Стоилковски.
Според него, власта со ваквиот договор ја ставила државата во должничко ропство.
– Мора треба да има одговорност. Не ги плаќаат овие пари од сопствен џеб. Во нормална држава, за ваков договор, со пенали заради членови во договор вон закон и Устав треба секој ден да има нова оставка и нов процес – рече Стоилковски, кој даде изјава пред таблата кај патарината помеѓу Тетово и Гостивар, која стои речиси 2 месеци по потпишувањето на договорот и еден месец по прославата, ама на теренот нема никакви градежни активности.