НЕМА ДА СЕ РАЗГОВАРА ЗА ПРОМЕНА НА ХИМНАТА Граѓаните да бидат спокојни, уверува ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ претходно ја обвини власта дека ја дефокусира јавноста од економската криза, наметнувајќи теми како што се промена на грбот и на химната.

777

Ниту било разговарано за промена на химната, ниту во иднина ќе се разговара, граѓаните да бидат спокојни, времето на ДУИ и СДСМ на губење и на порази помина, реагира ВМРО-ДПМНЕ откако беше прозвана дека се спрема да ја смени химната заедно со државниот грб.

„ДУИ матрицата на етнизирање на сите важни прашања и СДСМ пинг-понг политиката треба да престанат. Ниту некогаш било разговарано за промена на химната, ниту пак во иднина ќе се разговара. Граѓаните може да бидат спокојни. Времето на ДУИ и СДСМ на губење и порази на сите теми, со цел да се затскрие криминалот, помина“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.






СДСМ претходно ја обвини власта дека ја дефокусира јавноста од економската криза, наметнувајќи теми како што се промена на грбот и на химната.

„Оваа шокантна изјава на министерот Таравари, кој се занимава со сè освен со здравството, за што е задолжен, потврдува дека Владата целосно се има откажано од она што навистина им е приоритет на граѓаните. Наместо решенија за реалните проблеми, сиромаштијата која расте и стандардот на граѓаните, Владата ќе го замајува народот со теми од минатото за да го одвлече вниманието од болната сегашност. А реалноста е дека за само осум месеци, Владата ја втурна државата во економска криза и сега ѝ требаат овие теми за да ја дефокусира јавноста. По овие најави, повеќе од јасно е дека граѓаните ќе бидат ‘хранети’ со теми за поделба на јавноста, додека државата тоне во сиромаштија, а животниот стандард пропаѓа“, се наведува во реакцијата на СДСМ.

Реакциите тргнаа по денешната изјава на Таравари дека коалицијата Вреди е подготвена да разговара за сѐ, вклучително и за химната.

– За жал, во минатиот период повеќе, така да речам, осетливи теми се ставаа под тепих и некако се сокриваа, не сакавме да се соочиме. Ние сме подготвени да разговараме за пакет мерки кои се нерешени во изминатите 20-30 години и во пакет да ги решиме. Зошто тука да не бидат и грбот и химната и 20 отсто и други етнички прашања ако има? И веќе да се фокусираме на економијата, евроинтеграцијата, антикорупцијата… – рече Таравари.

Поврзани содржини