НЕМА ДА СЕ ПОВТОРИ СЦЕНАРИОТО СО ДАНЕЛА АРСОВСКА Ќе ја исполниме агендата на скопјани, не на поединци, порача Мециновиќ

Во изминатите неколку дена гледаме голем прилив на нови поддржувачи, многу граѓани кои досега не гласале за Левица, сега ја гледаат како најсоодветна опција во вториот круг, вели кандидатот на Левица за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ.

319

Левица бележи значителен раст на поддршката по првиот изборен круг и левиот гласачки спектар цврсто се обединува околу нашата програма, изјави денеска кандидатот на Левица за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ.

– Во изминатите неколку дена гледаме голем прилив на нови поддржувачи. Многу граѓани кои досега не гласале за Левица, сега ја гледаат како најсоодветна опција во вториот круг – рече тој.






Мециновиќ рече дека Левица ќе ја преземе улогата на обединувачка сила на сите антивладини гласови во Скопје.

– Нашата улога како обединувачка сила е очигледна, и тоа е одговорност, но и привилегија. Испишуваме нови страници во политичката историја на Македонија – рече Мециновиќ.

Тој најави дека Левица е во разговори со неколку независни листи за можна соработка во Градскиот совет. Како што истакна, со дел од независните листи, како Зелен хуман град, веќе имале заеднички ставови и гласања во претходниот мандат.

– Верувам дека и овојпат можеме да најдеме заеднички точки на интерес –  изјави тој.

Моменталната политичка ситуација Мециновиќ ја оцени како мобилизација против владината политика.

– Владата ја злоупотребува кризата со отпадот во Скопје. Владата сакаше до крај да ги истроши скопјани, за потоа да прави театар со нивното здравје. Тоа е доказ дека имаме деструктивна власт – рече тој.

Кандидатот на Левица порача дека партијата во следниот период ќе понуди алтернатива која ќе биде проактивна и фокусирана на интересите на граѓаните, а не на лични агенди.

– Не сакаме повторно да се повтори сценариото со градоначалничката Данела Арсовска. Ние сме тука да ја исполнуваме агендата на скопјани, не на поединци – истакна тој.

Мециновиќ најави и конкретни потези веднаш по преземањето на градската власт, како раскинување на сите штетни договори што ја оптоваруваат градската администрација и јавните претпријатија „уште во првите 72 часа“. Исто така, нагласи дека во првите 72 часа ќе го раскинат договорот со кој казината и обложувалниците се рекламираат на автобусите.

– Тоа веќе не смее да биде така. Градската власт не смее да дозволува промовирање на корозивни општествени процеси на својот имот – објасни Мециновиќ и додаде дека со ваква одлука ќе се подобри и финансиската состојба на Јавното сообраќајно претпријатие.

– Најатрактивниот рекламен простор во градот ќе биде вратен под стопанисување на јавното претпријатие, а не на приватни маркетинг агенции кои му оставаат само трошки – рече Мециновиќ.

Во делот на културата, Мециновиќ најави две нови насоки во политиката на градот за поддршка на младите: финансиско зајакнување на Младинскиот културен центар (МКЦ) и основање на скопски графити фестивал.

– Сакаме да му дадеме поголема финансиска поддршка на МКЦ. Дел од неговите простории може да се претворат во Скопско рок школо, простор каде младите ќе имаат пристап до инструменти и ќе можат да вежбаат и да се усовршуваат – објасни тој, додавајќи дека проектот ќе биде по примерот на слични иницијативи во европските градови.

Мециновиќ најави и идеја за нов фестивал.

– Ќе поддржиме формирање на Скопски графити фестивал, по примерот на градови како Мостар. Секоја пролет ќе каниме уметници од регионот и од светот да создаваат мурали и графити, со што ќе го разубавиме Скопје и ќе му дадеме нов визуелен идентитет – рече тој.

Според него, ваквите иницијативи ќе придонесат за поголема активност на младите во културниот живот и ќе го направат градот попривлечен за домашни и странски посетители.

Мециновиќ најави дека во следните 10 дена партијата ќе одржува тематски прес-конференции на кои ќе ги претставува дополнителните идеи и мерки за Скопје.

– Нашите активисти се деноноќно на терен. Секојдневно комуницираме со граѓаните и ја артикулираме пораката на најдобар можен начин – рече тој.

– Очекувам значително зголемување на поддршката во вториот круг – рече кандидатот на Левица за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ.

Поврзани содржини