НЕМА ДА СЕ ГЛАСА ВО ГОСТИВАР, ВРАПЧИШТЕ, ЦЕНТАР ЖУПА И ВО МАВРОВО Изборната постапка за градоначалник ќе почне од почеток

Во овие 4 општини ќе почне нова изборна постапка за збор на градоначалник во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од Локалните избори 2025, согласно Изборниот законик.

2,579

Во недела, на 2 ноември, кога ќе се одржи вториот круг од локалните избори, нема да се гласа во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и во Маврово, затоа што на гласањето во првиот круг на 19 октомври не беше постигнат цензусот од најмалку една третина излезност. Во овие 4 општини ќе почне нова изборна постапка за избор на градоначалник во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од Локалните избори 2025, согласно Изборниот законик.

Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), во овие општини во првиот круг не излегоа да гласаат повеќе од една третина (33,33 проценти) од запишаните гласачи, што е законски услов за изборите да се сметаат за успешни.






Во Гостивар одзивот беше 33,31 отсто, во Врапчиште 25,18 отсто, во Маврово и Ростуше 30,31 отсто и во Центар Жупа 21,49 отсто.

Согласно член 132 став (2) од Изборниот законик, доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градоначалник на Градот Скопје не излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од избирачкиот список за соодветната општина, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина.

Следствено, Член 132-а вели дека повторените избори за соодветната општина се одржуваат во рок најдоцна 60 дена по објавување на конечните резултати, при што нема да се применува условот што се однесува на излезноста од една третина од вкупниот број избирачи.

Целиот прв круг за овие општини ќе се повтори, а новата изборна постапка ќе почне во рок од 60 дена по објавувањето на конечните резултати од Локалните избори 2025.

Вториот изборен круг за Локалните избори 2025 е закажан за в недела, кога ќе се бираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје.

Во првиот изборен круг од Локалните избори 2025 беше извршен избор на градоначалник во 44 општини.

Поврзани содржини