„НЕМА ДА МОЖЕТЕ ДА КОНФИСКУВАТЕ РУСКИ БРОДОВИ НИЗ СВЕТОТ“ Москва со остра порака до Западот, најави и оружен одговор

Русија најави дека ќе ги искористи сите средства за заштита на своите бродови, обвинувајќи ги западните земји за незаконски заплени и напади на море.

283

Русија ќе ги употреби сите расположливи средства за да ја обезбеди слободата на пловидба во светските океани, соопшти Министерството за надворешни работи на Русија.

Од таму наведуваат дека е неприфатлива практика странски држави да запираат бродови и да ги пренасочуваат кон свои пристаништа, под изговор за кршење санкции што Русија не ги признава.






Во соопштението се обвинуваат западните земји дека вршат пресретнување на бродови врз основа на еднострани мерки, додека Москва признава само санкции донесени од Советот за безбедност на ООН.

Москва ја отфрла „ флотата во сенка“

Русија не го признава терминот „флотата во сенка“, кој, според неа, е создаден од Европската Унија со цел да се ограничат приходите од меѓународната трговија.

Повод за реакцијата се неколку инциденти на море, меѓу кои напад врз танкерот „Арктик Метагаз“ во близина на Малта, како и запленување на танкер од страна на француските власти во Средоземното Море. Се споменува и случај со задржан брод од страна на шведската крајбрежна стража во Балтичкото Море.

Од руското министерство тврдат дека бродовите се задржуваат под „измислени изговори“, иако, како што велат, ги исполнуваат сите услови за слободна пловидба.

Обвинувања за напад и „соучесништво“

Москва истакнува дека ниту една европска земја не го осудила нападот врз танкерот „Арктик Метагаз“, за кој тврди дека бил извршен со беспилотни средства.

„Оние што сакаат да го претворат Балтичкото Море во внатрешни води на НАТО и ЕУ треба да знаат дека ваквите дејствија нема да останат без одговор“, се наведува во соопштението.

Патрушев: Се разгледуваат нови мерки

Претседателот на Поморскиот колегиум на Руската Федерација, Николај Патрушев, изјави дека се разгледуваат нови мерки за заштита на трговските бродови.

– Работиме на распоредување специјални средства за заштита, а се планира и формирање конвои за трговската флота – изјави Патрушев во интервју за медиуми.

Тој додаде дека дипломатските и правните механизми не секогаш даваат резултати, поради што се разгледуваат и други опции.

Предлог за ангажирање приватни компании

Лидерот на партијата „Праведна Русија – За правда“, Сергеј Миронов, уште во 2025 година предложи ангажирање приватни воени компании за заштита на бродовите.

Според него, ваквите компании би можеле да учествуваат во придружба на бродови, проценка на ризици во пристаништата и обука на екипажите.

Поврзани содржини