НЕМА ДА ФРЛАМ АТОМСКА БОМБА ВО ИРАН Трамп се налути од новинарско прашање, рече дека никој никогаш не треба да користи нуклеарки
Зошто би го направил тоа? Зошто воопшто би се поставило такво глупаво прашање? Зошто би користел нуклеарно оружје кога целосно, многу убедливо, го уништивме Иран, рече американскиот претседател Доналд Трамп.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја исклучува можноста за употреба на нуклеарно оружје против Иран.
Одговарајќи на прашањето на новинар за можната употреба на нуклеарно оружје против Иран, рече:
– Не, не би го направил тоа. Зошто би го направил тоа? Зошто воопшто би се поставило такво глупаво прашање? Зошто би користел нуклеарно оружје кога целосно, многу убедливо, го уништивме Иран – рече Трамп.
Никој никогаш не треба да користи нуклеарно оружје, додаде тој.
Трамп рече дека Ормускиот Теснец останува затворен со негова одлука.
– Моментално е затворен. Имаме целосна контрола врз теснецот. Требаше да го отворат пред три дена. Дојдоа кај нас и рекоа: „Се согласуваме да го отвориме теснецот – рече Трамп.
Сите мои луѓе се среќни, освен мене, додаде тој.
– Ако теснецот беше отворен сега, Иран би заработувал 500 милиони долари дневно. Јас сум тој што го држи затворен. Ќе се отвори кога ќе постигнеме договор – рече Трамп на прес-конференција во Белата куќа.
На прашањето колку долго е подготвен да чека Иран да одговори, Трамп рече: „Не ме брзајте“.
– Сакам да го склучам најдобриот можен договор. Можам да склучам договор веднаш. Ако заминам сега, би можеле да имаме огромен успех. Ќе им требаат 20 години за да се обноват. Но, не го сакам тоа. Сакам да биде трајно – рече тој.
Ги повтори тврдењата за американските воени успеси во војната, вклучително и за уништувањето на иранската морнарица и на воздухопловните сили. Додаде дека Иран можеби обновил дел од својата воздушна одбрана за време на прекинот на огнот.
– Но, ќе го срушиме тоа за околу еден ден – додаде.
Рече и дека во раководството на Иран „се борат како мачки и кучиња“.
– Во рамките на иранскиот политички и воен естаблишмент постојат конфликти меѓу таканаречените тврдокорни и умерени – додаде тој.
На својата мрежа Трут соушл објави дека договор со Иран ќе биде постигнат само кога тоа е „погодно и добро“ за Соединетите Американски Држави.
Критикувајќи го известувањето на американските медиуми за војната со Иран, за кое вели дека сугерира дека треба брза да го заврши конфликтот, Трамп објави дека го има целото време на светот.
„Но Иран нема – часовникот отчукува“, напиша тој.
Тој ги повтори претходните тврдења за успесите на неговата земја во војната.
„Иранската морнарица е на дното на морето, нивните воздушни сили се уништени, нивните противвоздушни и радарски системи ги нема, нивните лидери повеќе не се со нас, блокадата е цврста и непробојна и од сега па натаму може само да се влоши – времето не е на нивна страна!“
Договор ќе биде постигнат само кога тоа е погодно и добро за Соединетите Американски Држави, нашите сојузници и, всушност, за остатокот од светот, додаде тој.
Водечките ирански функционери, претседателот Масуд Пезешкијан, претседателот на парламентот Мохамед Бакер Галибаф и шефот на правдата Голамхосеин Мохсени Еџеи, ги отфрлија тврдењата на Трамп за поделби во раководството на Иран.
Пезешкијан и Галибаф, во објави на Икс нагласија дека „не постои такво нешто како умерени и тврдокорни во Иран“.
„Сите ние сме Иранци и револуционери, и со железното единство на народот и владата, со целосна послушност кон Врховниот водач на револуцијата, ќе го натераме агресорот кој ги крши правилата да се покае за своите постапки“, рекоа тие, додавајќи: „Еден Бог, еден водач, еден народ, еден пат“.
Еџеи изрази слични проценки, нагласувајќи дека таквите поделби се туѓи за Иран.
„Претседателот на САД треба да знае дека термините „тврдокорен“ и „умерен“ се бесмислени и неосновани концепти во западниот политички дискурс. Во Исламската Република Иран, сите групи и фракции на крајот се обединети под наредбите на Врховниот лидер“, рече Еџеи.