НАВРЕДЛИВО Е ДА СЕ КАЖЕ ДЕКА РУСИТЕ МЕ ДРЖАТ В РАЦЕ Унгарскиот министер демантира дека ѝ дал информации на Москва

Многу е навредливо да се тврди дека Русите би можеле да ме држат во раце … Како би можеле? Дури и самата претпоставка е навредлива, многу навредлива, вели шефот на унгарската дипломатија во заминување.

117

Министерот за надворешни работи на Унгарија во заминување, Петер Сијарто, синоќа изјави дека ја смета за навредлива и самата претпоставка дека Русија би можела да има компромитирачки материјал против него или против премиерот во заминување, Виктор Орбан.

– Многу е навредливо да се тврди дека Русите би можеле да ме држат во раце … Како би можеле? Дури и самата претпоставка е навредлива, многу навредлива. Легитимна е дебатата за тоа на чиј вкус му одговараат унгарско-руските односи, но да се обвини некој за предавство е многу сериозна работа – изјави Сијарто во интервју за унгарскиот портал „Телекс“.

Сијарто ги отфрли обвинувањата дека е проруски ориентиран или дека некогаш пренесувал доверливи информации до Москва. Тој нагласи дека на секој состанок на Советот на министри за надворешни работи известувал за содржината и времето на неговите телефонски разговори со рускиот министер Сергеј Лавров.

Тој додаде дека е навредливо да се претпостави дека идната влада на партијата Тиса при примопредавањето би нашла документи за односите на Орбан или Сијарто со Русија кои би повлекле правни последици.

Сијарто истакна дека опозициската партија Тиса победила на неодамнешните избори бидејќи „повеќе луѓе поверувале во нивната понуда отколку во Фидес“. Според него, изборниот резултат е во согласност со волјата на украинскиот претседател Володимир Зеленски и дека Украинците очигледно биле заинтересирани за поразот на Фидес.

Зборувајќи за предизборната кампања во која Фидес предупредуваше на можност за војна, Сијарто изрази надеж дека Унгарија нема да биде вовлечена во руско-украинскиот конфликт. Тој наведе дека не верува дека би бил повикан во војска на 48 години, ниту пак неговите синови би биле мобилизирани, иако призна дека глобалната ситуација „предизвикува загриженост“.

Сијарто заклучи дека иднината на Фидес не е замислива без Орбан, но напомена дека партијата мора да се промени по изборниот пораз. Тој исто така додаде дека за политичката атмосфера во земјата и обвинувањата за ширење омраза, одговорност сносат сите страни, а не само владата.

Поврзани содржини