НЕКОЛКУ ГЕНЕРАЦИИ СОБРАНИ ВО ЕДНА ПАРАЛЕЛКА Реформите каскаат зад темпото со кое опаѓа населението

Комбинираните паралелки им ја отежнуваат работата на наставниците. Најдрастичен пример е во Велешко каде во една комбинирана паралелка има 8 ученици од прво, трето, четврто и петто одделение. 

206

Околу 17.000 ученици во прво одделение ја започнаа учебната 2025-2026 година. Но, Министерството за образование и наука сѐ уште ја нема точната бројка, бидејќи тече процесот на запишување на ученици во прво одделение. Разликата од лани е минимална, истакна денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски присуствуваше на почетокот на новата учебна година во Општинското основно училиште (ООУ) „Кирил Пејчиновиќ“.

– Очекуваме во следните години да има поголемо намалување, што би било проблем. Оттука и политиката на Владата за подобрување на демографската состојба во државата, па како што можевте да видите еве денес во прво одделение, а во следните неколку дена и за второ и трето одделение има сликовница за значењето на семејството – изјави Јаневска.






Таа рече дека следната учебна година ќе почне поголема реформа за да нема училишта со неколку ученици.

– Сметам дека најголем процент од училиштата ќе бидат оптимизирани, а училишните паралелки доведени во состојба да работат по закон, освен во средно стручно образование, каде што тоа не важи и може да има паралелки со помал број. Претпоставувам дека нема да можеме да завршиме се во една година. Но, верувам дека во следните две години тој процес ќе биде завршен – рече Јаневска,

Таа додаде дека се бара продолжување на заемот од Светска банка за комплетно воведување едносменска настава, за едукација на наставниците и за евентуална нивна преквалификација.

За првачињата во Кавадарци по еден чемпрес

Општина Кавадарци има 309 првачиња во оваа учебна година. Сите тие денеска добија чемпрес како симбол на раст и напредок. Градоначалникот Митко Јанчев беше во посета на ООУ „Тошо Велков – Пепето“, каде што ги пречека првачињата на првиот училишен ден.

– На територија на општина Кавадарци, оваа година има вкупно 309 првачиња, од кои 59 во ова училиште, кои со насмевки и радост го започнаа своето најубаво патување – учењето. Сите првачиња добија чемпрес – симбол на раст и напредок, производ од вредните раце на учениците од нашето средно земјоделско училиште – рече градоначалникот.

Во Центар Жупа ниту едно прваче на албански јазик

Во двете основни и во нивните подрачни училишта, во општина Центар Жупа, во ученичка клупа за првпат денеска седнаа 31 прваче, што е за три повеќе во однос на минатата учебна година.

Она што посебно паѓа в очи е минималниот број првачиња во ООУ „Мустафа Ќемал Ататурк“ во Центар Жупа и неговите подрачни училишта.

– Во ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“ во Центар Жупа има шест првачиња од кои четири се за настава на турски јазик и едно на македонски. Едно прваче на македонски јазик е во подрачното училиште во село Броштица. Во подрачното училиште во село Горенци нема ниту едно прваче. Во училиштето во Центар Жупа, каде настава се изведува и на албански наставен јазик, како и минатата и оваа учебна година нема првачиња по овој наставен јазик – рече за МИА, Мунир Бастри, одговорен во секторот образование при Општината.

Во ООУ „Неџати Зеќерија“ во Коџаџик, Горна Жупа, каде настава се изведува само на турски наставен јазик запишани се 25 првачиња. Во Коџаџик има едно прваче, по две во подрачните училишта во Долгаш и Брешани, 3 во Праленик, 7 во Елевци и 10 во Новак, најголемото село во Горна Жупа.

Пред миграцискиот бран, што ја зафати оваа општина, имаше над 200 првачиња. Дури 80 отсто од популацијата живее во некоја западно европска земја, пред сè Италија, Германија и Швајцарија.

900 првачиња во Куманово

Повеќе од 900 првоодделенци го почнаа образованието во 16 основни училишта во Куманово, информираа денеска надлежните. Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски го посети училиштето „Карпош“ во селото Умин Дол.

Куманово, иако најголема општина во државата, годинава има запишано шеесетина деца помалку во однос на лани.

– Ова училиште во минатото памти многу поубави денови кога се запишувале во прво одделение 30-40 ученици, зборувам за некои времиња пред триесетина години кога многу биле полоши условите за учење – рече Димитриевски.

Во Тетово годинава нема намалување на бројот на ученици

Според податоците на Секторот за јавни дејности во прво одделение во сите општински основни училишта во Тетово се запишале 778 првачиња на албански наставен јазик, 144 на македонски наставен јазик и 15 ученици во турски наставен јазик.

– Во средните училишта под ингеренции на Општина Тетово во прва година се запишани вкупно 1.347 ученици, од кои 1.116 на албански наставен јазик, 223 на македонски јазик и осум ученици на турски јазик – информираше Назми Даути, раководител на секторот.

Според градоначалникот Билал Касами овие бројки значат сопирање на трендот на намалување на бројките на запишани првачиња и ученици во прва година средно образование.

– Оваа година веќе нема намалување на учениците кои се регистрираат како првачиња и кои се регистрираат во средните училишта. Така за нас е многу добра информација што веќе за четири години успеавме да го намалиме и да го смениме трендот на намалување на учениците во нашите училишта и се надеваме дека од оваа година и натаму е тој тренд е почне да расте – рече Касами.

Во Богомила ниту едно прваче

Годинава во прво одделение во Велес ќе тргнат 556 првачиња, што е за 101 ученик помалку во споредба со лани. Во училиштето во Богомила, општина Чашка, оваа година не е запишано ниту едно прваче.

Во седумте основни училишта во општина Велес ќе има вкупно 92 паралелки со помал број ученици, а во некои од нив ќе седнат само двајца или тројца ученици.

Најголем број вакви паралелки, вкупно 25, ќе има во ОУ „Панко Брашнар“. Во подрачното училиште во село Иванковци, во шесто одделение ќе има само двајца ученици. Слична е состојбата и во ОУ „Лирија“ во Бузалково, каде во подрачното училиште во Клуковец во трето одделение ќе учат тројца ученици.

Во Раштани ќе функционира комбинирана паралелка за прво, трето, четврто и петто одделение со вкупно осум ученици.

Во средното хемиско училиште „Димитрија Чуповски“ ќе има една паралелка со 11 ученици за насоките месопреработувач и пекар. Во Гимназијата се одобрени пет паралелки, од кои една на албански јазик со 23 ученици, додека во Економското училиште ќе има две, од кои едната за економски техничар на албански јазик со само петмина ученици.

Само 14 првачиња во Дојран

Мирослав Бошнаков, директор на ООУ „Кочо Рацин“, чиј централен објект се наоѓа во Дојран, вели дека тенденцијата на намалување на бројот на првачиња е постојана, но дека оваа година, таа е најдрастична до сега.

– Годинава запишавме само 14 првачиња на ниво на целата општина Дојран. Претходната година беа 24, а пред тоа 30 – 34 деца. Но годинава намалувањето е навистина големо. Ако земеме во просек, бројката на ученици по паралелка е 10-11 ученици. Тоа, за жал, е последица на намалениот наталитет и на иселувањето од овие краишта – вели Бошнаков.

Тој за Мета вели дека изведувањето на наставата во комбинирани паралелки уште повеќе им ја усложнува работата на наставниците, но тие се веќе искусни и знаат како да се справат со предизвикот.

Поврзани содржини