НЕКОИ ИЗНЕНАДУВАЧКИ ПРИЧИНИ ЗА ГУБЕЊЕ НА МЕМОРИЈАТА И вирусните и бактериските инфекции можат да влијаат на когнитивната функција
Сите понекогаш забораваме каде сме ги оставиле клучевите или што сме сакале да кажеме, меѓутоа, ако заборавеноста се јавува често, таа може да има и подлабоки причини.
Сите понекогаш забораваме каде сме ги оставиле клучевите или што сме сакале да кажеме. Меѓутоа, ако заборавеноста се јавува често, таа може да има подлабоки причини. Памтењето е под влијание и на физички и на психолошки фактори – некои можат да се ублажат со промени во животниот стил, додека други бараат медицинска помош.
Подолу, ги претставуваме најчестите причини за губење на меморијата и совети како тоа да се спречи или да се ублажи.
Проблеми со тироидната жлезда
Тироидната жлезда е мала жлезда во вратот што произведува хормони важни за функцијата на мозокот и меморијата. Кога лачи премногу (хипертироидизам) или премалку (хипотироидизам), може да предизвика проблеми со концентрацијата и појава на таканаречена „мозочна магла“.
Нарушувања на спиењето
Сонот е неопходен за обработка на информации и создавање спомени. Нарушувања како што се апнеја или несоница можат да ја ослабнат способноста на мозокот да создава и складира спомени. Покрај тоа, хроничното лишување од сон го отежнува извршувањето на сложени задачи во текот на денот.
Инфекции
Вирусните и бактериските инфекции можат да влијаат на когнитивната функција. На пример, истражувањата покажуваат дека COVID-19 може да има последици и врз меморијата, додека бактериските инфекции можат да предизвикаат воспалителни процеси во мозокот.
Менопауза
Падот на естрогенот за време на менопаузата е поврзан со тешкотии со концентрацијата и меморијата. Кај некои жени, овие симтоми се смируваат по менопаузата.
Недостаток на хранливи материи
Лошата исхрана или недостатокот на витамин Б12 може да предизвика проблеми со учењето и меморијата. Бидејќи Б12 најчесто се наоѓа во животински производи, вегетаријанците и веганите се особено подложни на неговиот недостаток.
Одредени лекови
Лекови за анксиозност, несоница, болка или напади може да предизвикаат оштетување на меморијата како несакан ефект.
Ако забележите влошување на меморијата, контактирајте го вашиот лекар за да ја разгледате вашата терапија.
Мозочен удар
Мозочниот удар може да предизвика трајно оштетување на мозокот и губење на меморијата. Исто така, постојат таканаречени „тивки мозочни инфаркти“, кои често остануваат незабележани, но го зголемуваат ризикот од когнитивни проблеми.
Кардиоваскуларни заболувања
Високиот крвен притисок, покачените масти во крвта и срцевите заболувања се тесно поврзани со проблеми со меморијата. Околу една четвртина од случаите на когнитивен пад се поврзани со срцеви заболувања и крвни садови.
Повреди на главата
Потресите на мозокот и другите повреди можат привремено или трајно да влијаат на меморијата. Во такви случаи, потребно е да се побара стручна проценка.
Алкохол и пушење
Прекумерното консумирање алкохол ги оштетува мозочните клетки и меморијата, додека пушењето го намалува протокот на крв во мозокот, што го отежнува формирањето нови сеќавања.
Ментално здравје
Стресот, депресијата и анксиозноста го отежнуваат концентрирањето и учењето нови информации. Лековите за лекување на овие состојби можат да имаат и несакани ефекти поврзани со меморијата.
Промени поврзани со стареењето
Како што старееме, функцијата на мозокот природно се забавува. Сложените задачи може да траат подолго, но тоа не значи дека постарите возрасни лица не можат да учат нови вештини – само им треба малку повеќе трпение.
Како да се спречи и ублажи губењето на меморијата?
Направете го следново:
Вежбајте редовно – физичката активност ја стимулира циркулацијата и функцијата на мозокот
Спијте доволно – квалитетниот сон е клучен за градење на меморијата
Јадете балансирана исхрана – изберете храна богата со витамини, минерали и здрави масти
Вежбајте го вашиот мозок – крстозборките, читањето и менталните игри помагаат во одржувањето на когнитивните способности
Организирајте го вашиот ден – планирањето рутина и запишувањето важни информации може да биде од голема помош.
Кога да побарате медицинска помош?
Повремениот „празен од“ во меморијата не е причина за загриженост, но ако се појават симптоми како што се губење во позната околина, често повторување на истите прашања или тешкотии со основните дневни активности, време е да посетите лекар.