Некој ми копа по моето чело!
Тоа што некој се дрзнал нас, Македонците, во сопствената држава да нѐ преименува, политички и територијално да ни се наметне и да нѐ потиснува, да нѐ надвладее, да нѐ игнорира, да нѐ понижи, духовно и материјално да нѐ ограбува и да ни ја менува со кинење сликата која сами ја создаваме за себе и ја носиме во нашите души, како историско наследство со завештание предадено од нашите предци – тоа е само наша вина.
Баш така, „Некој ми копа по моето чело“, е насловот на стихозбирката што познатиот албански писател, мојот гимназиски професор по книжевност Исак Мурат, ми ја подари во далечните деведесетти години. Кога ја прочитав и разбрав на што се однесува „копањето“, ја напишав песната „Не! – некој ми копа по моето чело…“ и му ја подарив при следното наше видување.
Така, двајцата, секој со своите копаници по челата, муабетевме, сеќавајќи се на дамнешните убави денови, кога во дует ги рецитиравме Есенин, Мајаковски, Блок… се препиравме околу филозофијата на Плеханов која тој одлично ја познаваше, а јас ја спознав преку него… или поттрчнувавме по театарската сцена спремајќи го рециталот „Титов напријед“… Жалев, многу жалев кога предвреме почина апострофиран како „иредентист“. И моето жалење посебно го изразив на неговата ќерка, мажена во Приштина, која заедно со него доаѓаше во мојата адвокатска канцеларија.
Ете, случајно на тоа се присетив деновиве, кога при средување на домашната библиотека одново ја зедов стихозбирката в раце. Долго останав загледана во неговата ракописна посвета, посебно на зборот „имагинација“, објаснет во оваа смисла:
„…Обдарен со разумот и имагинацијата, човекот чувствува потреба живеејќи да создаде поим (слика) за себечувствувањето и да каже ‘јас сум јас’ – и со полно право да се залага и да не се откажува од барањето и другите да го препознаваат и да му се обраќаат спрема неговата определба. Во сето тоа, мора да е свесен дека тој и неговиот сосед од капиџикот, или од белиот граничен камен, се две различни личности, кои, секоја за себе, тежнеат кон индивидуализација и самореализација, со посебни чувства на припадност и вкоренетост за себе и во себе, без оглед на материјалната, политичката и образовната моќ. Така се потврдува дека луѓето се еднакви во поседувањето заеднички духовни квалитети, олицетворени во разумот и способноста да даруваат и да примаат љубов, но и различни по својата самоприпадност, бидејќи поединецот не живее стереотипен, туку сопствен живот. Поседувајќи лично чувство како карактеристика на својата бит, од него, потоа, може да се очекува со почит и респект да се однесува и кон туѓата индивидуалност, како белег на посебното што другиот го носи во себе“.
Тоа е така, ама во овој сегашен наш бел свет, по нечија волја – заповед, не е баш така. Корумпираните западна господа вршат притисок врз нас посиромашните и послабите, копајќи ни бескрупулозно и неподносливо болно по челото на нашата правостојност, од чии тапи одеци безмилосно ни се раскопуваат душите. За личен, пред сѐ материјален интерес и ненормална страст за доминација и експлоатација на другиот, не избираат начин и средства во обидот да нѐ потчинат и да нѐ отфрлат од себепостоењето, третирајќи нѐ како обезличени битија, кои не заслужуваат да имаат своја сегашност како историски континуитет од минатото, со зацртан, свој пат за иднината.
Моќта, олицетворена во потрага по материјалното, со животински нагон загосподари со нив, како и со нивните извршители, марионетите кои со цел ги глават како власт секаде каде што можат, како кај нас, за да им служат. Стегајќи го народот со економската несигурност или подобро речено – сиромаштија, подмолно, како дарување го врамуваат во политички окови, претворајќи го во робови. Потоа, лесно, како од цицка, го цедат разумот на зависниот од нив, до состојба на целосна летаргичност, во која е разграден и, да речам, сосема доброволно ослободен од духовната содржина на човековата опстојба, која станува неважна.
Што е најлошо, или утеха, и меѓу нив, господарите, сѐ повидна е нивната разграденост на духовната реалност и на моралната и интелектуалната свест и совест. Како за „среќа“, во подем: тие не само што се откажаа од сопствената слобода како замена за материјалните добра, туку заборавија дека нема живот без слобода, нема слобода без идентитет и дека слободата не е дар за толпата, бидејќи таа е гесло на поединецот кој има свое „ јас“, како именка на себеприпадноста и препознатливоста. Така, оковите на ропството, во хаосот на општата човекова несреќа предизвикана од неразумноста на силата, различно, но подеднакво нѐ приклештуваат и ништат, како нас поробените, така и господарите кои нѐ завладеајa.
Во нашата Македонија, до денес, малкумина постигнале да се доживуваат себе си како неопходна вредност која се вградува во општеството. Под тоа се подразбира човекот да го чувствува „центарот“ во себе и тој во него како активен субјект на својата моќ, опитен дека, сѐ што чини надвор од себе е само фасада на свеста, зад која го сокрива неуспехот да се стекне и сочува индивидуалниот осет за идентитетот свој, насушен.
За жал, од негрижа кон себе, дочекавме и сѐ уште чекаме, некој од „елитната“ европска или пазарената комбинирана домашна господа, злонамерно да нѐ брецне (чепне), и уште повеќе да нѐ разгребе по внатрешните многупати до сега ранувани ѕидови на нашето битие, за да сфатиме дека тоа што некој се дрзнал нас, Македонците, во сопствената држава да нѐ преименува, политички и територијално да ни се наметне и да нѐ потиснува, да нѐ надвладее, да нѐ игнорира, да нѐ понижи, духовно и материјално да нѐ ограбува и да ни ја менува со кинење сликата која сами ја создаваме за себе и ја носиме во нашите души, како историско наследство со завештание предадено од нашите предци – тоа е само наша вина.
Правејќи се дека не се инструирани, да е далеку и со лоши намери, туку толерантни демократи за пример, тајфата на власт, свесно не ги третира како трагични сопствените однапред планирани и ветени еднострани отстапки (дома и надвор), на наша штета, какви што никој и никогаш за нас не направил, ниту ќе направи. И покрај сите замерки и укажувања од компетентни страни, таа своеглаво и тврдокорно продолжува својата трагично усмерена замисла да ја приведе кон крајот. Со тешење, односно лажење, нѐ убедува дека сѐ што презема е особено значајно по нашата државна и национална опстојба, за да го продолжиме (а фактички таа е единствениот кочничар) „започнатиот“ европски пат, несреќно „паднат“ на трасирање во туѓи раце, третиран и обликуван како конформистичко доживување.
Еј, гиди, повторка ни не била, кога сме сами на себе душмани! Кога трпиме наметнатата туѓа власт, која освен што безмилосно нѐ краде и ја води државата во стечај, при наша здрава свест, како во окови стегнати упорно да нѐ води по работ на себеуништувањето. Зар навикнавме молчејќи духовно да умираме, и како ниеден друг народ во светот да се повинуваме дотаму некој друг, за своја употреба, да ни го разобликува лично формираното чувство за себеприпадност, третирајќи ни ја душата како торба која може да се замени? Зошто смирено набљудуваме како домашните јаничари Македонци се трудат да помагаат во таа нечесност – упорни да ни ја избијат низ нос сопствената самоспознаја, иако знаат дека намерата на Западот е да бидеме избришани од картата на народи и држави?
А западните, до недоветност преобразени демократи, кога нѐ визитираат за да нѐ присилат на некоја конкретна чинидба, лицемерно нѐ убедуваат дека „чинат сѐ“ за да ни помогнат во потрагата да се најдеме себе, и час поскоро да седнеме во големото европско семејство, кое нѐ чека. Им веруваме? Притоа, прифаќаме да ги благословиме како наши „стратешки партнери“ и кога бездушно, насилнички, дури уличарски, со закани го претвораат нашето срце во нивен театар и не сакаат да го симнат од сцената Пирандело, режирајќи го нашиот европски пат со заповедта: „Биди тоа што јас ти велам дека си“!
Е, за среќа, има една разлика: овие белосветски панаѓурски мисионери, кои лично и преку домашните силеџии од нас бараат да бидеме тоа што други сакаат, а ние не сме тоа, умните – сами за себе такво дереџе, како благодет не би прифатиле – не сакаат! За нив не може и не смее, а за нас – мора! – А, ааа…?
Ете, тука е судирот на основното човеково право – моето и нивно! Борбата е за идентитетот насушен и начинот на кој тој се стекнува, но и губи. Додека првото е пригоден и благороден стремеж, второто е насоченост со втерување како животно во кочина, кое во цивилизациски околности и личната свест, е надвор од целта на човековата единка. Тоа е неморално!
Идентитетот на поединецот во нашите македонски околности, како што тргнало со насилство да ни се разградува, за да се ремоделира, (Божеее, Господе…!), е на добар пат да добие форма на безусловно припаѓање на толпата обезличени, немоќни, безимени униформирани илузионисти – идиоти, зад кои се крие и пропаѓа индивидуалноста.
Меѓутоа, и во оваа состојба, во која сме сега, кога идентитетот на нас Македонците, повторувам – некој насилно сака да ни го претвори во илузија, тој, лично во нас треба да ојача и да стане појак и од потребата за физичкото одржување, бидејќи – не е само рожба на нашиот ум и мисла, туку е извор на акумулација на најголемите историски, многувековни егзистенционални тежненија и борби, на родот наш македонски, на кој со гордост му припаѓаме.
Честити празнични денови!