НЕКА МОЛЧИ ОРУЖЈЕТО ЗА ВРЕМЕ НА МУНДИЈАЛОТ Ќе има ли прекин на огнот во Украина во чест на најважната споредна работа на светот?

„Не сме толку наивни да мислиме дека фудбалот може да ги реши проблемите на светот. Но, Светското првенство нуди единствена платформа, со проценета бројка од 5 милијарди гледачи. Да ја искористиме оваа можност да направиме сè што е можно за да ставиме крај на сите конфликти“, изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

96

Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, денеска повика на едномесечен прекин на огнот во Украина, за време на Светското првенство во Катар.

– Мојот апел до сите е да размислат за едномесечен привремен прекин на огнот за времетраењето на Светското првенство – рече Инфантино на ручекот со лидерите на Г20 на индонезискиот остров Бали.






Тој ја пофали обединувачката улога на фудбалот, потсетувајќи дека Русија беше домаќин на Светското првенство во 2018 година и дека Украина е кандидат заедно со Шпанија и Португалија за домаќин на првенството во 2030 година.

– Не сме толку наивни да мислиме дека фудбалот може да ги реши проблемите на светот. Но, Светското првенство нуди единствена платформа, со проценета бројка од 5 милијарди гледачи. Да ја искористиме оваа можност да направиме сè што е можно за да ставиме крај на сите конфликти – додаде тој.

Пред натпреварувањето, кое започнува на 20 ноември, Катар се соочи со критики за односот кон работниците мигранти, жените и ЛГБТК+ заедницата.

Во Катар ќе се натпреваруваат 32 екипи, од поранешните победници Бразил, Германија, Аргентина, Франција и Шпанија до Јапонија, Сенегал, Костарика и Саудиска Арабија, со вкупно 64 натпревари.

Светското првенство в недела ќе го отворат Катар и Еквадор со почеток на натпреварот во 17 часот.

И шефот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, ги повика лидерите на Г20 да вклучат клаузула за „спортска неутралност“ во заедничката изјава по самитот на Бали.

– Олимписките игри одржани во Токио и во Пекинг во екот на пандемијата му дадоа надеж на целиот свет. Олимпијадата може да го обедини целиот свет само ако на неа учествуваат спортисти од целиот свет. За разлика од другите конфликти меѓу државите во минатото, овој пат некои земји одлучија дека имаат право да одбијат спортисти да учествуваат на Олимписките игри поради политички причини. Ако спортот стане алатка за политичко влијание, тој целосно ќе се распадне. Самата суштина на спортот е дека одлуките треба да се носат само врз основа на спортски резултати, а не ништо друго. Неопходно е сите земји да учествуваат на Олимписките игри, вклучително – па дури и особено – оние во конфликт. Ако учествуваат само сојузничките земји, од Олимписките игри нема да има вистински симбол на мирот. Човештвото нема многу можности да се обедини. Ве молам вас, лидерите на Г-20, да го слушнете мојот повик за мир и да му дадете шанса. Вклучете ја вашата спортска неутралност во вашата заедничка изјава по самитот – рече Бах.

Бах со ова порача да се дозволи настап на руските и белоруските спортисти кои добија забрана за учество од најголемиот број спортски федерации и сојузи поради конфликтот во Украина.

Следната Олимпијада ќе се одржи во Париз во 2024 година.

Поврзани содржини