Во владиното соопштение се наведува дека на неформалната вечера лидерите од регионот размениле мислења за натамошниот тек на евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан и било истакнато дека Западен Балкан е од стратешка важност за Европската Унија, што ќе придонесе и за стабилност и просперитет не само на регионот туку и на Европа во целост.„Лидерите од регионот испратија порака дека како никогаш досега е потребна силна политичка поддршка за побрза интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Ценејќи ги вредностите на Европската Унија засновани на демократијата, владеењето на правото како и почитувањето на основните човекови права и слободи, земјите од Западен Балкан се фокусирани кон европската иднина. Како што стои и во Солунската декларација од пред две децении: „Европа ќе биде навистина обединета само откако сите земји во регионот ќе станат нејзин интегрален дел”. На крајот од неформалната вечера лидерите усогласија заедничка декларација“, се наведува во соопштението од Владата.