Неексплодирани бомби скапуваат во руинирано складиште – ако има пожар ќе ја снема пола Битола

Пиротехничарот Ѓорѓи Стефанов од Битола за КОД тврди дека ако во складиштето се случи пожар, тогаш ќе има огромна експлозија.

1,981

Во Битола може многу лесно да се случи силна експлозија како во Бејрут, а главната причина е тоа што во старата Касарна под Тумбе Кафе, каде што сега никнува нова населба и се градат куќи и згради, има неколку напуштени и руинирани објекти во кои се складираат неексплодирани убиствени средства.

Како што објави КОД, во еден од објектите, Дирекцијата за заштита и спасување чува разни предмети, но таму се складираат и бомби, иако според стандардите, овие складишта треба да бидат минимум 15 километри оддалечени од населено место.






Пиротехничарот Ѓорѓи Стефанов од Битола за КОД тврди дека ако во складиштето се случи пожар, тогаш ќе има огромна експлозија.

– Многу е опасно, ако се случи пожар во магацинот или нешто слично, тогаш ќе има огромна експлозија, со страшни последици за градот и за околината – изјавил Стефанов.

Колегите од КОД раскажуваат дека го посетиле објектот, но дека таму не забележале никакво предупредување за опасност, ниту, пак, забележале физичко обезбедување.

„Поради безбедносни причини не ја снимивме локацијата од надворешната страна. Стефанов ја отклучи металната врата со обичен катанец, а во стовариштето внатре, покрај сите предмети што ги чува Дирекцијата за заштита и спасување, наредени се и бомбите. Пред вратата затекнавме остатоци од огниште на кое најверојатно претходната ноќ некој се топлел, без да знае дека може да настрада и да го разнесе половина град“, раскажуваат новинарите на КОД.

Најголем дел од неексплодираните средства, кои сега се складирани во објектот во поранешната Касарна, пронајдени се пред десетина дена при реконструкција на Стадионот под Тумбе Кафе во Битола.

Пиротехничарите отстранија речиси 600 артилериски гранати со калибар од 75 милиметри и ова е најголем број откриени одеднаш во Битола.

Велат дека најверојатно има уште толку, но работите се прекинати затоа што Дирекцијата нема соодветна механизација да продолжи со откопување на гранатите. Сега ги има и на местото каде што се пронајдени и во магациниот во касарната, па опасноста е двојна.

Поврзани содржини