НЕДОСТИГААТ ПАРИ, А ЗДРАВСТВЕНИТЕ КРИЗИ РАСТАТ Ни треба 1 милијарда долари за спас на животи, апелира СЗО
Светската здравствена организација предупредува дека недостигот од донации може сериозно да влијае врз одговорот на здравствените кризи во Газа, Судан, Украина и уште десетици други жаришта.
Светската здравствена организација (СЗО) упати апел за обезбедување 1 милијарда долари за справување со здравствени итни случаи во текот на оваа година, предупредувајќи дека глобалните потреби растат, додека финансиската поддршка од донаторите се намалува.
Апелот беше упатен на прес-конференција во Женева од страна на Чиквезе Ихеквеазу, висок претставник на СЗО, кој посочи дека побараната сума е пониска во споредба со минатата година, токму поради намаленото донаторско финансирање, пренесува Ројтерс.
– Се фокусираме на оние на кои им е најпотребно, на местата каде што можеме да спасиме најмногу животи – изјави Ихеквеазу, нагласувајќи дека средствата ќе бидат насочени кон 36 здравствени итни случаи ширум светот.
Според него, меѓу приоритетните подрачја се Газа, Судан и Украина, каде здравствените системи се под силен притисок поради војни, хуманитарни кризи и недостиг од основни медицински услуги.
– Длабоко сме загрижени поради огромните потреби и прашањето како ќе успееме да одговориме на нив – предупреди Ихеквеазу, додавајќи дека ситуацијата на теренот е сè покомплексна.
Тој ги отфрли шпекулациите дека СЗО целосно ќе се повлече од некои кризни подрачја, но призна дека ограничените ресурси влијаат врз обемот на активностите.
– Она што го направивме е дека, во секој од тие контексти, можеби не направивме толку колку што би сакале – рече Ихеквеазу, алудирајќи на потребата од приоритизирање поради финансиските ограничувања.
Апелот на СЗО доаѓа во чувствителен момент, откако Соединетите Американски Држави официјално ја напуштија организацијата на 22 јануари, критикувајќи го начинот на кој таа се справуваше со пандемијата на ковид-19.
САД во минатото беа еден од најголемите донатори за здравствените вонредни состојби на СЗО, кои во голема мера зависат од доброволни донации, како и за редовниот буџет на организацијата, кој делумно се финансира преку задолжителни членарини од земјите членки.
Отсуството на американската поддршка, заедно со општиот пад на глобалното финансирање, дополнително ја усложнува способноста на СЗО навремено да одговори на здравствените кризи што погодуваат милиони луѓе низ светот.