Не сите Руси се будали
Државата ги мобилизира, а тие одбиваат и бегаат. А не дека се плашат од боиштето, туку, едноставно, не сакаат да застанат и да бидат дел од темната и мрачна страна на историјата. Оти се свесни дека „војната е темница која голта сѐ што е живо, дека таа е ехо на нечии трауми и дека е девојка која нема милост за ниту еден свој љубовник“.
Земјите-членки на ЕУ, замислете, имаат право да им ги одбијат барањата за азил на руските бегалци-резервисти кои не сакаат да земат оружје в рака и кои се свесни дека единствениот начин да избегнат мобилизација во Украина е да ја напуштат татковината.
Некои земји, пак, особено оние кои граничат со Москва, сметаат дека имаат потполно право да не им дозволат на руските државјани преку нивна територија да побегнат од лудакот Путин.
И веќе го прават тоа. И едните и другите. И никој не им забележува и никој не ги прекорува, освен неколкумина новинари кои вчера во Брисел собраа храброст да побараат одговори од Европската комисија за законитоста на ваквите одлуки, но и за политичките последици на непропуштањето на лица кои не ја поддржуваат војната на Кремљ, но низ чии вени, ете, по некоја случајност, тече руска крв.
Од Европската комисија добија релативно штури одговори. Како што пренесоа медиумите, Комисијата им повторила на новинарите оти правото на ЕУ во ниеден случај не е променето и дека правото на меѓународна заштита и азил останува загарантирано.
Мижи Асан да ти цртам веѓи! Или како што би испеал легендарниот Бора Чорба: „Теоретски љубав лепо звучи, малчице је друкчије у пракси“.
А преку праксата, нели, најдобро се учи, а ние веќе совршено добро научивме кој ги држи конците во свои раце. Веќе почнуваме да сфаќаме дека и Европа не била баш толку добродушна, наивна и невина девојка како што ни се прикажувала и која секоја балканска свекрва би ја посакала за снаа.
Почнуваме да сфаќаме дека Европа знае да биде и бесчувствителна кучка која најпрво го растргнува пленот на најситни парчиња, а дури потоа почнува да се интересира и да се распрашува дали го задавила предаторот или жртвата.
Во случајов, таа растргнува сѐ што е руско. И не поставува прашања. На „кучката“ не ѝ е воопшто грижа дали на илјадници путинови неистомисленици од Русија сега им е потребна токму нашата помош. На нејзиното искривено напудрено лице воопшто не се појавуваат гримаси предизвикани од искрени емоции, а нема ни видливо задоволство од фактот дека илјадници воено-зрели Руси му кажуваат „њет“ на шефот и одбиваат да војуваат против својот братски православен народ во Украина.
Зошто да не им се помогне на тие луѓе? Правиме огромен грев со самото тоа што ги ставаме во ист кош со останатите Руси кои му се верни поданици на Путин и кои со некаква чудна и болна страст одземаат животи и осакатуваат семејства низ Украина. За разлика од нив, овие луѓе не сакаат да војуваат, разберете! Овие луѓе не сакаат да ја водат братоубиствената војна на Путин, сфатете! Државата ги мобилизира, а тие одбиваат и бегаат. А не дека се плашат од боиштето, туку, едноставно, не сакаат да застанат и да бидат дел од темната, мрачна и погрешна страна на историјата. Оти се свесни дека „војната е темница која голта сѐ што е живо, дека таа е ехо на нечии трауми и дека е девојка која нема милост за ниту еден свој љубовник“.
Но затоа, пак, и покрај тоа што со години упорно се трудиме да си ја изобличиме и да си ја пластифицираме душата само за да им се допаднеме на западњаците, сепак, лично сум убеден дека ние и понатаму остануваме да бидеме срце од народ! И тоа можеме да го докажеме преку дела! Исто како што го докажуваат Србите и Турците, на пример, кои без никаков проблем им дозволуваат влез на руските бегалци на нивна територија и ги третираат онака како што се третираат гостите-намерници.
Овојпат не смееме да стоиме со вкрстени раце. Исто како што не стоевме лани кога среде пандемија со ковид-19 примивме неколку групи бегалци од Авганистан. Исто како што со години наназад им овозможуваме безбеден премин на милиони мигранти кои пребегуваат од боиштата во Сирија, Авганистан, Ирак…
Веројатно можеме и сега да го сториме истото со Русите кои одбиваат да му служат на лудакот Путин.
Оти, и тие се луѓе исти како нас. Тие се луѓе кои немаат ни грам вина. Тие се луѓе кои вчера си седеле пред телевизорот, ги следеле вестите и го проколнувале господарот за секој испукан куршум во Украина, а веќе следниот ден се нашле на списокот за резервисти.
Тие се луѓе кои имаат семејства, а кои се принудени да остават сѐ и да побегнат од татковината само за да не учествуваат во војна.
На тие луѓе им е проклето потребна нашата помош.