(Не)сигурноста од членството во НАТО

Данската воена разузнавачка служба (ФЕ) предупреди на можна војна во регионот на Балтичкото Море во рок од само две години. Едновремено се зголемуваат ризиците и скандинавските земји да бидат вовлечени во воени дејствија.

920

Мора да влеземе во НАТО, инаку ќе треба да трошиме над 2 процента од БДП за одбрана, а потоа ќе нема пари за социјалните потреби и општествената благосостојба. Вака раководството на владејачката шведска социјалдемократска партија истапи пред колебливите партиски членови во пролетта 2022 година.

Деновиве се наврши првата година откако во членството на НАТО беше примена најновата членка, Шведска, но оние 2 отсто од БДП-то за одбраната сега се предвидува да бидат значително повисоки. Година дена претходно во НАТО се зачлени и Финска, која, исто како и Шведска, го напушти неутралниот статус.






Несигурноста се зголеми откако американскиот претседател Трамп со своите политики ги потресе темелите на Алијансата, испраќајќи сигнали дека Европа мора да издвојува повеќе средства за да може да се справи со сопствената сигурност и безбедност.

Во скандинавските медиуми повеќепати беше посочено дека според претставници на американската администрација членот 5 од Уставот на НАТО, за колективна одбра доколку некоја членка биде нападната, и понатаму важи. Но што би значело тоа во пракса?

Дали Вашингтон би испратил стотици илјади војници доколку, на пример, би била нападната Естонија? Самиот факт дека никој по сѐ изгледа не е веќе сигурен да одговори на такво прашање со јасно и гласно „да“, едноставно ја поткопува способноста на НАТО за одвраќање и одбрана. Балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија веќе изразија силно незадоволство бидејќи не беа поканети на самитот што неодамна го организираше британскиот премиер Стармер во Лондон, укажувајќи дека тоа ѝ испраќа „интересни сигнали“ на Русија.

Данската воена разузнавачка служба (ФЕ) предупреди на можна војна во регионот на Балтичкото Море во рок од само две години. Едновремено се зголемуваат ризиците и скандинавските земји да бидат вовлечени во воени дејствија.

Во документот на ФЕ се ревидира нивната проценка за тоа колку време останува пред Русија да претставува воена закана за НАТО. За да не остави сомнеж врз такавата можна амбиција, данската разузнавачка служба отворено пишува дека „Русија се гледа себеси во конфликт со Западот и се подготвува за војна против НАТО“. ФЕ забележува исто така дека Русија, паралелно со војната во Украина, ги зголемува своите воени сили за да може да води војна против НАТО.

Најинтересната новина произлезена од извештајот на данската разузнавачка служба е прогнозата за двегодишен временски период. Од 2023 година во Европа жестоко се дебатира околу прашањето кога Русија би можела да биде подготвена за војна против НАТО, а прогнозите се мошне различни. Некои германски тинк-тенк организации беа на мислење дека ќе бидат потребни пет години, додека полската разузнавачка агенција сметаше дека тоа е премногу оптимистичко и дека е прилично очекувано временскиот период да се скуси на три години. И во Велика Британија се присутни слични размислувања.

Уште позагрижувачки звучат предупредувањата на ФЕ дека за пет години Русија би можела да биде подготвена за војна од големи размери на европскиот континент – доколку САД не се вклучат во војната. Војна од големи размери, според руската доктрина, вклучува коалиции или големи сили кон радикални воено-политички цели.

Во секој случај, она што се дава на увид преку прогнозите на данското воено разузнавање е дека би можеле да видиме војна во Балтичкото Море две години по завршувањето на војната во Украина. Веќе почнаа да се наѕираат контурите на мировниот план на администрацијата на Трамп, кој може да ѝ наметне пораз на Украина во блиска иднина. Тогаш тајмерот за должината на прогнозираните сценарија, без оглед на степенот на нивната несигурност, би можел веднаш да започне да отчукува.

Вниманието и надежите сѐ повеќе се свртуваат кон ЕУ и способноста на Унијата во кус рок да го интензивира своето вооружување и одбранбените капацитети. Критичарите, најблаго речено, велат, кога функционирањето на ЕУ ​​е во прашање и нејзината декларирана решеност да инвестира дополнителни 800 милијарди евра во воена одбрана, дека таа бројка е прилично претерана. Најголем дел од најавениот одбранбен пакет се пари кои сѐ уште ги нема и за кои постои реална неизвесност дали ќе биде можно да се обезбедат. Голем дел од вкупната инвестиција не е ништо повеќе од претпоставка. Математиката се заснова на проценката на Европската комисија за тоа колку повеќе ЕУ би потрошила за одбрана доколку поединечните земји-членки ги зголемат своите инвестиции. Но како ќе се развива тоа понатаму е сосема друга работа.

Според мислењето на поранешната шведска министерка за надворешни работи Ан Линде, која раководеше со изготвувањето на безбедносно-политичката анализа во шведскиот Парламент во перидот кога започна руската инвазија на Украина, она што се случува сега во Соединетите Држави значи дека „мора да бидеме многу поподготвени да се грижиме за себе“. Токму затоа не може да се каже дека и понатаму е присутна 100-процентна доверба дека од страна на Вашингтон ќе се добие воена поддршка. Затоа е толку важно земјите во Балтичкиот регион, како и другите европски земји, без одложување да ги интензивираат одбранбените подготовки и јакнењето на капацитетите на оружените сили.

Проблемот со несигурноста и намалената доверба во колективната одбрана се продлабочува. Во политичкиот дел на Алијансата владее извесна паника и нервоза. Но, сепак, кога станува збор за земјите кои ја оставија зад себе долготрајната неутралност за да поитаат во прегратките на НАТО, и покрај сите недоумици и неизвесности на пократок и подолгоречен план, општ заклучок е дека таквиот чекор сепак не бил направен во погрешна насока.

А заклучокот неизбежно е тој дека не постои друг начин за малите земји да се грижат за сопствената одбрана, отколку да бидат во некој поголем сојуз. Па макар тој да стои и на климави нозе.

Поврзани содржини