Не се знае дали недела ќе биде работна за трговските центри

Министерството за труд размислува за опцијата трговските објекит да работат во недела под посебни критериуми биејќи анализите покажале дека трговците повеќе од 50 проценти од нивниот седмичен промет го прават во недела.

305

Доколку во конечното решение се одлучиме трговските центри да работат во недела, тоа ќе биде под строго дефинирани критериуми, строго определено работно време, но и обврски на сопствениците на продавниците за одреден процент од средствата да се слеваат во државната каса и дополнителен надомест за работниците кои ќе работат во недела, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

-Повеќе од три месеци како Влада разговараме со сите партнери кои се засегнати со носењето на законското решение – недела, ден за неделен одмор. Дебатата е суштинска и во текот на расправата за првичната замисла на МТСП во недела сите работници да не работат, освен  оние во дејностите кои се неопходни за непречено функционирање на државата, произлегоа други размислувања за кои ние отворено дебатираме. Како носители на одлуките мора да се соочиме со бројките и реалноста и оттука размислуваме и за делот на работењето на трговските центри – рече Шахпаска по денешната презентација на Оперативниот план за активни програми и мерки 2021 година.






Анализите и бројките, како што кажа, говорат дека трговските центри повеќе од 50 проценти од нивниот седмичен промет го прават точно во недела.

-Тоа се сериозни бројки кои се придонес на целокупната економија во државата, а доколку се согледаат и аргументите за шопинг туризмот на граѓани од нашите соседни држави и тие бројки не треба да се занемарат – потенцира Шахпаска.

Поврзани содржини