НЕ СЕ ВРЗУВАМЕ ЗА ДАТУМ ВО ПРЕГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА Ковачевски нема намера да разговара за предвремени избори

Ковачевски истакна дека на земјава и треба решение кое ќе биде прифатено во двете држави и за кое ќе постои консензус.

171

Министерствата за надворешните работи на Северна Македонија и Бугарија комуницираат, но немаат усогласено документ кој може да биде основа за носење одлуки во двете држави, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски истакна дека на земјава и треба решение кое ќе биде прифатено во двете држави и за кое ќе постои консензус.






-Што се однесува до јуни како некаков датум, точно е дека тогаш ќе има Самит на ЕУ, но ние воопшто не се врзувавме со датуми зашто ни треба решение кое ќе биде прифатено во двете држави и за кое ќе постои консензус, бидејќи тоа треба да биде основа за градење на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија во иднина, како меѓу себе, така и во рамки на ЕУ – потенцирашe Ковачевски на прашањето со какви пораки се враќа од Брисел и дали има поголем оптимизам сега за придвижување на работите во јуни.

Ковачевски потврди дека со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел разговарал за проширувањето на ЕУ и за статсуот на преговорите со Бугарија. Во овој контекст повтори дека преговорите се водат принципиелно, врз основа на европските вредности, врз основа на достоинство и почит меѓу политичарите.

Дијалог меѓу политичките партии треба да има, но средба со опозицијата за предвремени избори не треба да се одржи, рече премиерот.

-Веќе кажавме дека средба за предвремени избори не треба да се одржи зашто такво барање доаѓа во услови на најголема енергетска и економска криза. Ни претстои најтешката зима со која ќе треба да се справиме и за што деноноќно правиме планови. Во однос на отворање дијалог, еднаш кажав и уште еднаш ќе повторам – нормално е партиите да се гледаат, но во државата постојат институции. Институцијата што ги обединува е Собранието, а гледаме што се случува таму, има класичен бојкот и блокада што оневозможува низ парламентарна дебата да се разговара за унапредување на законски решенија – рече Ковачевски.

Според него, политичарите кои се и кои не се дел од Владата треба да се среќаваат и да разговараат за прашањата што ги засегаат граѓаните.

-Но, пред сè треба да разговараат за важни стратешки прашања кои ја определуваат иднината на државата. Тоа би биле прашања за кои треба да се разговара – истакна Ковачевски.

Како пример за демократски начин на договарање, тој го посочи договарањето на дневниот ред за последната собраниска седница.

-Парламенрарното мнозинство низ дебата која трае повеќе од вообичаеното, успеа да го усвои дневниот ред за последната седница, така и ќе проодлжи, со демократски средства. Нормално дека во рамки на сите собраниски комисии треба да се разговара – додаде Ковачевски.

Поврзани содржини