НЕ СЕ ПОДНЕСЕНИ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА МЛАДИТЕ ШТО ПРОТЕСТИРАА ВО КОЧАНИ Кузеска безобразно лаже, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Нема кривични пријави за протестите и немирите во Кочани, туку 6 лица само се повикани на разговор, ниту пак има кривични пријави за објави на Фејсбук, па оттука се покажува само едно - СДСМ и Богданка Кузеска, а отворат уста, лажат, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Нема кривични пријави за младите кои протестираа во Кочани, за какви што зборува Богданка Кузеска од СДСМ, соопшти ВМРО-ДПМЕ.
„СДСМ и Богданка Кузеска продолжуваат да лажат и да ја манипулираат јавноста. Тоа веќе им премина во хронична навика. Нема кривични пријави за какви што зборува Кузеска на прес-конференцијата, тоа е целосна измислица. Во врска со протестите и немирите во Кочани, 6 лица кои учествуваа во толпа само се повикани на разговор и тоа не резултираше со кривични пријави. Ниту пак има некаква активност, односно кривични пријави, како што вели Кузеска, за објави на Фејсбук. Оттука се покажува само едно, СДСМ и Богданка Кузеска, а отворат уста, лажат“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
На народот им е преку глава од ваквото безобразно лажење и манипулирање, како и од искористувањето на трагедијата во Кочани од страна на СДСМ за политички поени, се додава во реакцијата.
„А, во однос на тоа што зборува дека истрагата е селективна, ја потсетуваме дека само досега во предметот за Кочани се опфатени 34 лица и во притвор се наоѓаат луѓе како од СДСМ, ДУИ и од ВМРО-ДПМНЕ, така и луѓе од деловниот свет, кои не се дел од политиката. Исто така, ја потсетуваме Кузеска дека 7-годишното владеење на СДСМ се карактеризира токму со таа селективност во истрагите и во кривичната одговорност, само што таа тогаш не беше вака гласна и од партиската говорница не бараше темелни и неселективни истраги. Во време на СДСМ немаше неселективна истрага, ниту пак одговорност, ниту за модуларната ковид болница во Тетово во која животот го загубија 16 лица, а која се случи во време на министерскиот мандат на сегашниот претседател на партијата, Венко Филипче. Неселективна правда и истраги, а ниту приведени функционери, немаше ни за „Дурмо турс“ и за „Беса транс“ и за сите овие трагедии виновни беа или шасиите или продолжните кабли“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска денеска на прес-конференција рече дека сè уште нема проширување на истрагата за безбедносните пропусти направени во кобната ноќ.
„Ниту еден функционер од МВР, ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ не е повикан на распит, ниту опфатен со постапка. Наместо тоа, МВР поднесува кривични пријави против граѓани за објави на Фејсбук, кои јавно бараат правда и неселективна истрага. Дури и на младите кои протестираа во Кочани и го изразуваа својот револт за загубените животи на нивните другари и другарки МВР им поднела кривични пријави. Не се повикуваат оние кои биле на функции, ама затоа се гонат младите кои пишуваат на Фејсбук? Дали МВР смета дека на овој начин некој треба да биде замолчен? Слободата на говор не е закана за истрагата. Ги повикуваме и Хелсиншкиот комитет и другите организации за човекови права да реагираат“, рече денеска Кузеска.