НЕ САКАМЕ ДА СЕ ОДВОЈАТ СКОПЈЕ И ТИРАНА Мета уверува дека се напредува заеднички
Со Пендаровски имавме многу добро разбирање и ќе ги интензивираме нашите напори. Ќе бидеме трпеливи и ќе работиме поблиску и посилно, изјави Мета.
Не сакаме и не работиме за одвојување на Северна Македонија од Албанија на патот кон ЕУ. Работиме и силно се трудиме двете земји што побрзо да ги одржат првите меѓувладини конференции и тоа е една од причините за мојата посета, изјави претседателот на Република Албанија, Илир Мета, кој денеска е во посета на земјава.
Прашан за одвојувањето на Албанија од Северна Македонија, Мета рече дека за ова многу важно прашање за двете земји разговарал и со претседателот Стево Пендаровски.
– Имавме многу добро разбирање и ќе ги интензивираме нашите напори. Ќе бидеме трпеливи и ќе работиме поблиску и посилно – изјави Мета.
Мета претходно денеска беше примен од претседателот Стево Пендаровски, а треба има средба и со претседателот на Собранието Талат Џафери.
Албанскиот претседател е во работна посета на земјава на покана од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје, каде треба да одржи предавање на тема „Албанците во новиот милениум – предизвици и перспективи“.
Од кабинетот на Пендаровски, по средбата со Мета соопштија дека двајцата претседатели размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што било изразено задоволство од нивниот позитивен развој, преку конструктивна соработка и размена на посети на највисоко ниво.
Република Северна Македонија и Република Албанија, беше констатирано на средбата, преку посветеноста на добрососедските односи, даваат силен придонес за просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот, како и за неговата европска перспектива. Двете држави, како сојузници во НАТО, даваат свој придонес и во одбраната на вредностите на евроатлантската заедница, соопшти Кабинетот.
Во контекст на аспирациите за членство во Европската Унија, двајцата претседатели ја констатираа потребата за деблокирање на процесот и скорешен почеток на пристапните преговори на двете држави за членство во Европската Унија, што според нив, ќе има позитивен придонес за севкупниот напредок и стабилноста на регионот.
Претседателот Пендаровски упати честитки по повод изборот на Република Албанија за непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите Нации во периодот 2022-2023 година.