„НЕ ПРОДАДОВМЕ НИТУ МЕТАР ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ“ Герасимовски обвини дека противниците шират дезинформации за Центар

Герасимовски со остар одговор до противкандидатите – во Центар, вели, нема продажба на државно земјиште, туку борба за повеќе зеленило и транспарентност.

542

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во гостување на Сител изјави дека во неговиот мандат не е продаден ниту еден квадратен метар државно земјиште, а сите донесени детални урбанистички планови (ДУП-ови) се насочени кон зголемување на зеленилото и намалување на бројот на градби.

– Со носење на секој Детален урбанистички план го зголемуваме бројот на зеленилото во општината. Вклучуваме пошироки улици, дополнителни пешачки и велосипедски патеки, намалување на катноста, отстранување на парцели за градба и нивно претворање во зелени појаси – изјави Герасимовски.






Тој потенцираше дека урбанизмот во Центар се води од принципи на заштита на јавниот интерес и дека општината преку ЗЕЛС поднела иницијатива до Министерството за транспорт и врски за измени на правилото „70-30“, кое овозможувало инвеститор со само 30% сопственост да оформи парцела за градба.

– Ние бараме да се поседува минимум 70% од парцелата за да може да се дооформат уште 30%. На тој начин директно го штитиме државното земјиште – истакна градоначалникот.

Како други примери на резултати во урбаното уредување, Герасимовски ги наведе: отстранување на дупли паркирања и импровизирани детски елементи што ја загрозувале безбедноста, уредување на парцели со обврзувачки стандарди за пристапни рампи, паркинг за велосипеди и садење високи дрвја, транспарентност во постапките за издавање одобренија за градба.

Во вториот дел од изјавата, градоначалникот остро одговори на тврдењата на неговиот противкандидат и, како што рече, неговиот ментор, кои, според него, шират дезинформации во јавноста.

– Вчера на ова столче седеше и неговиот ментор и изнесе многу лаги, почнувајќи од бројот на издадени дозволи, до тоа колку одобренија се во тек. Спомна 80 барања што наводно „седеле на маса“, вистината е дека во моментов има само осум барања во завршна фаза, и тие се јавно достапни преку системот на ЗЕЛС – објасни Герасимовски.

– Целата кампања се служи со лаги и невистини. Тоа е класична црна кампања, која граѓаните на Центар ја препознаваат. Тие се доволно мудри и во првиот круг веќе кажаа на кого му ја даваат довербата – заклучи Герасимовски.

Првата рампа за затворање на Дебар маало веќе е поставена, Центар добива и 30 мерачи за бучава

Општина Центар наскоро ќе стане првата општина во земјава со систем за мерење на бучава во реално време, најави градоначалникот Горан Герасимовски. Според него, јавната набавка е завршена, а веднаш по изборите ќе бидат поставени 30 мерни единици на различни локации.

– Заврши јавната набавка, чекаме да поминат изборите за да ги поставиме мерните единици, првично 30. Преку мобилна апликација, секој граѓанин ќе може да провери каква е фреквенцијата на бучава на одредена локација – изјави Герасимовски.

Системот, како што објасни, ќе им овозможи на граѓаните докази при пријавување во Министерството за внатрешни работи или до општинските инспекциски служби. Целта е брза и ефикасна реакција на прекршителите, особено во зони каде што постојат проблеми со прекумерна бучава од угостителски објекти и сообраќај.

Во вториот дел од изјавата, Герасимовски зборуваше за следниот голем проект на општината – постепено затворање на Дебар Маало за моторен сообраќај, со што ќе се намали хаосот со паркирањето и ќе се создаде подобар квалитет на живот за жителите.

– Имаме ревидиран проект за затворање на Дебар Маало. Тој е доставен до Министерството за внатрешни работи и веќе имавме два состанока со МВР за да го подобриме и да добиеме одобрување. Така и беше договорено на последниот состанок – рече Герасимовски.

Планот е Дебар Маало да се затвора дел по дел, почнувајќи веднаш по завршувањето на изборниот процес, а првата рампа веќе е поставена.

– Веќе поставивме рампа на почетокот на Боемска улица. Разговараме за начинот на кој таа зона ќе функционира, и тоа ќе биде пример за затворање и на други населби каде што сообраќајот и паркирањето се хаотични – додаде градоначалникот.

Поврзани содржини