НЕ ПРИЈАВУВАЛЕ ДДВ НА ЗЛАТО И СРЕБРО, ЗАТАИЛЕ 1.056.000 ЕВРА Уапсени двајца сопственици и управители на златарница
Пријавените се стекнале со противправна имотна корист и ја оштетиле државната каса во вкупен износ од 64.924.298 денари, наведуваат од Управата за финансиска полиција.
Финансиската полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против Б.А. и Д.Х., сопственици и управители на скопската фирма „Арѓира“ ДООЕЛ, поради сомнение за даночно затајување, со кое, според истрагата, бил оштетен државниот буџет за речиси 65 милиони денари.
По насоки на Основното јавно обвинителство – Скопје, Б.А. и Д.Х. денеска се приведени.
Според наводите, Б.А. во периодот од 2020 до 2023 година присвоил златен накит во вредност од 197.742.227 денари, без да пресмета и плати данок на додадена вредност и данок на личен доход. Со тоа, како што информира Финансиската полиција, избегнал плаќање ДДВ од 35.593.601 денар и данок на личен доход од 21.969.161 денар, со што на буџетот му била нанесена штета од 57.562.762 денари.
Вториот пријавен, Д.Х., во текот на 2024 година присвоил дел од увезената стока – златен накит и необработено сребро – во вредност од 2.628.932 денари, како и сметководствено евидентиран кало-растур од 7.822,61 грам, чија вредност изнесува 22.659.754 денари. На овој начин, според пријавата, не биле пријавени и платени ДДВ од 4.551.963 денари и данок на личен доход од 2.809.573 денари, со што буџетот за 2024 година бил оштетен за 7.361.536 денари.
Со ваквите дејствија, во периодот од 2020 до 2024 година, пријавените се стекнале со противправна имотна корист и ја оштетиле државната каса во вкупен износ од 64.924.298 денари, наведуваат од Управата за финансиска полиција.