„НЕ ПОСТОИ ВРЕМЕНСКИ РОК, ЃАВОЛОТ Е ВО ДЕТАЛИТЕ“ Русија за меморандумот за мир
Нацртите ќе ги подготват и руската и украинската страна, тие нацрт-документи ќе бидат разменети, а потоа следуваат сложени контакти за да се развие единствен текст, изјави портпаролот на Кремљ Песков.
Процесот на усогласување на текстот на меморандумот за мир и прекин на огнот ќе биде заплеткан за Москва и за Киев и не може да има фиксен рок, изјави рано утрово портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Нема рокови, ниту може да ги има. Јасно е дека сите сакаат ова да се заврши што е можно побрзо, но, се разбира, ѓаволот е во деталите. Нацртите ќе ги подготват и руската и украинската страна, тие нацрт-документи ќе бидат разменети, а потоа следуваат сложени контакти за да се развие единствен текст – им рече Песков на новинарите, а го цитираше државната новинска агенција РИА.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера имаше одвоени телефонски разговори со рускиот претседател Владимир Путин, украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на Европската унија, Франција, Италија, Германија и Финска, како дел од неговите напори да ја заврши тригодишната војна во Украина.
Трамп по повиците рече дека Русија и Украина веднаш ќе почнат преговори за прекин на огнот.
Путин рече дека Русија е „подготвена да соработува со украинската страна на меморандум за можен иден мировен договор“.
– Се договоривме со претседателот на САД дека Русија ќе предложи и е подготвена да соработува со украинската страна на меморандум за можен иден мировен договор, кој ќе дефинира низа ставови, на пример, принципите на спогодбата, временската рамка на можниот мировен договор – изјави Путин пред новинарите во близина на црноморското летувалиште Сочи.