Не постои правен акт што ја забранува придавката „македонски“!

Не се наложува апсолутно никаква потреба од новото службено име на нашата земја да се изведат именката ,,Северномакедонец“ и придавката ,,северномакедонски“. Да постоела таква нужда, тие два нови збора прецизно би биле запишани во Преспанскиот договор и не би имало потреба ништо потоа да се ,,имплицира“. Никој од нас не бара такво нешто. Ни Грција. Освен инсталатите на Заевата пропаганда.

7,137

Во повеќе наврати со професорот Тони Дескоски, правник со врвна експертиза во областа на меѓународното право, полемизираме за прашањето дали Преспанскиот договор и соодветните правни акти експлицитно или имплицитно ја забрануваат употребата на придавката ,,македонски“.

Ова е одредбата од Преспанскиот договор која наведува на погрешното толкување кон кое се приклонува професорот Дескоски:






„Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно ‘на Република Северна Македонија’ или ‘на Северна Македонија’“.

Ова е ставот на професорот Тони Дескоски:

„И Плусинфо кога известува за Северна Кореја, ја употребува придавката севернокорејски. Од Јужна Кореја – јужнокорејски.
По правописот на македонскиот литературен јазик, од Северна Македонија се изведува придавката северномакедонска.
Значи, и по правописот, од Северна Македонија не може да се изведе придавка македонска. Тоа можеше дури државата се викаше Македонија. Ама не се вика веќе Македонија, туку е преименувана во Северна Македонија.

За да се избегне употребата на придавката ‘северномакедонска’, во член 2 став 3 од Уставниот закон за спроведување на амандманите од 2019, е наложено дека од новото име на државата ќе има придавка ‘на Северна Македонија’. Со тоа имплицитно е забранета употребата на придавката ‘северномакедонска’, која по правописот се изведува од новото име. Секако, забранети се и другите придавки, па дури и оние кои се изведуваа од старото име на државата.

На крајот, забраните во правните норми не мора да бидат експлицитни (изречни), можат да бидат имплицитни (премолчни). Кога нешто се наложува со когентна норма, забрането е секое поинакво поведение“.

Мојата теза што ќе ја одбранам во овој полемички текст е следната:

Придавката „македонски“ целосно е во согласност со новото службено име на нашата земја, како со целосното така и со скратеното. Не постои друга соодветна придавка која одговара на овие имиња. Не е точно дека „правописот“ наложува од службеното име на државата „Северна Македонија“ да се изведе придавката „северномакедонска“. И не е случајно тоа што ниту во Преспанскиот договор, ниту во било кој друг правен акт, од новото службено име на државата не се изведени именката „Северномакедонец“ и придавката „северномакедонски“. Имено, тоа би било спротивно на јазичната норма.

Би сакал да му го објаснам тоа едноставно јазично правило на професорот Дескоски низ неколку примери. Подоцна ќе се осврнам и на нему омилениот пример со Јужна и со Северна Кореја.

Државата чие официјално име е „Обединето кралство на Велика Британија и на Северна Ирска“ вообичаено се нарекува „Велика Британија“. Во британските медиуми најфреквентна е употребата на кратенката UK (на латиница, нормално). Од името „Велика Британија“ се изведени именката „Британец“ (не „Великобританец“) и придавката „британски“ (не „великобритански“).

Зошто е тоа така?

Јазичното правило вели дека центар на именските фрази е именката. Центар на именската фраза „Велика Британија“ е именката „Британија“. Затоа од неа се изведува придавката „британски“.

Особено е интересен примерот на именската фраза „Соединетите американски држави“. Или, на бугарски: Съединѐните америка̀нски ща̀ти. Центар на фразата (така преведена) е именката „држава“. Затоа фразата Бугарите ја кратат на „Съединѐните ща̀ти“, а разговорно и на зборот „ща̀тите“. Именката „Американци“ и придавката „американски“, пак, Бугарите ги изведуваат од соодветната придавка во името на државата.

Именка и придавка изведени од придавка во именската фраза – дали е тоа кршење на јазичната норма? Сепак не. Оригиналното име на таа држава е „United States of America“. Доследниот и буквален превод би бил: „Обединети држави на Америка“. Центар на оваа фраза е именката „Америка“. И понатаму сè е јасно и логично.

Вистина е дека понекогаш, од политички причини, е неопходно да се направи разлика при изведувањето именки и придавки од сложени имиња на држави. Тогаш е многу важно да се утврди дали и до кој степен се наложува таа потреба.

Еве еден податлив пример за тоа. После Втората светска војна, до падот на Берлинскиот ѕид, Германија беше поделена на две држави – Западна Германија и Источна Германија. Согласно со потребата да се прави разлика меѓу тие две држави, се користеа и придавките „западногермански“ и „источногермански“. Но, никогаш не се велеше „Западногерманци“ и „Источногерманци“, а ретко и „Западни Германци“ и „Источни Германци“.

Со големи колебања се употребуваа и придавките што ги спомнав. Попрво ќе се речеше „Бон, главниот град на Западна Германија“ одошто „Бон, западногерманскиот главен град“. Никој не велеше „западногерманскиот фудбалер Бекенбауер“. Едноставно, се употребуваа други именски фрази.

Зошто беше така? Затоа што Германците беа вештачки поделен народ и беше тешко или невозможно да се препознае нуждата од создавање именки и придавки кои ќе ги изразеа политичките разлики штом не постоеја објективни идентитетски и културолошки разлики меѓу луѓето кои живееја од двете страни на Железната завеса – и едните и другите беа Германци, говореа германски јазик и имаа заедничко културно наследство.

Што правиме со Северна и со Јужна Кореја?

Политичките и културолошките разлики во двете земји се развиени до тој степен што без создавање посебни именки и придавки, едноставно, тешко се разбираме. Оттаму, се чини дека е нужно да се каже „севернокорејскиот лидер“ или „севернокорејската армија“, ако сакаме да бидеме прецизни. Сепак, попрво би кажале „народот на Северна Кореја“ одошто „севернокорејскиот народ“. Или, попрво „Сеул, главниот град на Јужна Кореја“ одошто „Сеул, јужнокорејскиот главен град“.

Да се осврнеме сега на нашето службено име „Република Северна Македонија“ и на скратената верзија „Северна Македонија“. Центарот на овие две фрази е именката „Македонија“. Ве молам, немам намера да се убедувам и да се инаетам со било кого за ова – тоа е јазичната норма, а професорот Дескоски и секој што не верува во ова што го велам, нека си консултира експертско мислење. Седум години сум предавал Пишување на студенти по новинарство, имам напишано две популарни и исклучително добро оценети книги на таа тема и нескромно мислам дека имам солидни познавања од јазичните научни дисциплини, при што омилена ми е Синтаксата (референтен научен извор е трудот „Синтакса на македонскиот стандарден јазик“ на професорката Лилјана Минова Ѓуркова).

Доаѓаме до клучното прашање – постојат ли политички, договорни или било какви други разумни причини поради кои би биле принудени, спротивно на јазичната норма, како исклучок од правилото, да ги изведеме именката „Северномакедонци“ и придавката „северномакедонски“ од официјалното име на нашата земја?

Кога би било нужно да се направи разлика од некој државен ентитет кој актуелно го користи името „Македонија“ или некое друго сложено име со тој збор („Јужна Македонија“, на пример), како и изведени именки или придавки од таа именска фраза, тогаш да – неспорно би се наметнала потребата да се направи разлика.

Но, тоа не е случај!

Во Грција постои административна единица чиешто име е „Македонија“. Но, во таа земја и во таа покраина не постои народ кој се нарекува Македонци (ако има такви, тие се припадници на словеномакедонското малцинство во таа земја). Во грчката провинција Македонија се зборува грчки јазик, а ако некаде се зборува македонски, тогаш тоа е нашиот јазик. Никој во Грција нема да ви каже дека Солун, главниот град на провинцијата Македонија, е македонски град.

Општо земено, никаде во светот не постои друга Македонија освен нашата, друг македонски народ освен нашиот, друг македонски јазик освен нашиот. Ова е ноторен факт!

Според тоа, не се наложува апсолутно никаква потреба од новото службено име на нашата земја да се изведат именката „Северномакедонец“ и придавката „северномакедонски“. Да постоела таква нужда, тие два нови збора прецизно би биле запишани во Преспанскиот договор и не би имало потреба ништо потоа да се „имплицира“.

Уште нешто пред да го заклучам овој полемичен текст. Не спорам јас со тоа дека потписниците на Преспанскиот договор во текстот презеле обврска на државните институции да им дадат имиња што ќе содржат придавки кои ќе бидат „во согласност“ со новото цело или скратено официјално име на државата. Затоа името „Македонска опера и балет“ се заменило со „Национална опера и балет“, или МОБ со НОБ. А МИА станала „Медиумска информативна агенција“ наместо „Македонска информативна агенција“.

Тоа е така зашто во Владата за овие работи одлучувале неписмени будали!

Жал ми е за тешкиве думи, ама немам друго објаснување…

Некој во владата сепак морало да знае дека придавката „македонски“ совршено одговара на именските фрази „Република Северна Македонија“ и „Северна Македонија“. А ако немало таков писмен, на Грците можело да им се угоди и на тој начин што МОБ би се нарекол „Опера и балет на Северна Македонија“, а МИА би го добила името „Информативна агенција на Северна Македонија“.

Патем речено, во духот на едно вакво преименување би било и СДСМ, партија којашто делумно е финансирана од државата (добива буџетски пари за изборите), да се преименува во Социјалдемократски сојуз на Северна Македонија, СДССМ. Ако, пак, сака да си ја задржи кратенката СДСМ, треба да се преименува во Социјалдемократи на Северна Македонија.

Се разбира, ништо од сево ова не е нужно. Никој од нас не бара да ги измислиме именката „Северномакедонец“ и придавката „северномакедонски“. Ни Грција тоа не го бара. Никој не ја забранува употребата на именките „Македонија“ и „Македонец“ и на придавката „македонски“. Ни експлицитно, ни имплицитно. Нема таква одредба во ниту еден правен акт!

Целата оваа глупост ја измисли пропагандата на Зоран Заев, со цел нивниот шеф и неговите потчинети безрбетни апаратчици да им се додворуваат на Грците. Одозгора на тога – и на Европејците. После, Заев, кои је пуно шетао, конечно је отшетао у Струмицу, а неговите пропагандисти продолжија да го проповедаат своето тупаво незнаење и на јазичните норми и на духот на Преспанскиот договор, принудувајќи ги министрите и официјалните лица во секоја прилика папагалски да повторуваат „Северна Македонија“.

Затоа, драги мои, вклучувајќи ве и вас што сте на власт, ве повикувам слободно да ги употребувате именките „Македонија“ и „Македонец“ и придавката „македонски“, секаде и во секоја прилика.

Повторувам по трет пат во овој текст – не постои меѓудржавен договор или правен акт кој тоа го забранува. А познатото правно начело вели – сè што не е забрането со закон, дозволено e!

Поврзани содржини