НЕ ПОМИНА ПРЕДЛОГОТ НА ЛДП ЗА ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА Измените на Изборниот законик добија поддршка од 19 пратеници

Има страв од отворените листи кај оние кои со години ја градат својата моќ на неотчетност и на контролирани листи, рече предлагачот на законските измени, пратеничката Моника Зајкова.

1,496

Пропадна обидот на либералката Моника Зајкова да се смени изборниот модел така што Македонија да биде една изборна единица, а да се гласа отворени листа. Предлогот-измените на Изборниот законик, предложени од ЛДП, доби поддршка од само 19 пратеници од опозицијата.

– Не е фер гласовите на околу 30.000 до 40.000 граѓани да одат во вода, само поради изборниот модел. Ова не е само политичка неправда, туку е уставна повреда на начелото за еднаквост на гласот – рече пратеничата Зајкова во образложение на законските измени.






Според Зајкова, демократијата ќе се унапреди ако постои можност граѓанинот да го бира директно својот пратеник преку отворени листи.

– Има страв од отворените листи кај оние кои со години ја градат својата моќ на неотчетност, на контролирани листи – рече Зајкова.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа „за“ за предлогот. Претседателот на партијата и премиер, Христијан Мицкоски денеска изјави дека тие поддржуваат изборите да се одржуваат во една изборна единица, а во неа да се влеваат и гласовите на дијаспората.

– Ние сме за тоа да имаме една изборна единица и да може и иселениците да учествуваат во еден таков изборен процес. Да немаме трошоци, да немаме повеќе изборни единици… Да има една и во неа да се влеваат сите гласови – и на резидентното население, но и на онаа дијаспора којашто ќе сака да учествува – рече Мицкоски.

Претходно од ДУИ истакнаа дека тие го поддржуваат предлогот за една изборна единица со отворени листи, но бараат да има  изборен праг за избор на пратеници – 3% од регистрираните гласачи или 5% од излезените на изборите.

Поврзани содржини