Не плашете мечка со решето – политичарите се одговорни за успех на пописот, а не граѓаните!

Стравот од бојкот на пописот, всушност, е проекција на стравот од исходот и од проблемот како исходот политички да се легитимира, да се „овери“. А тој проблем не се решава со меки или со тврди притисоци врз граѓаните.

10,189

Клучниот фејк „аргумент“ со кој граѓаните се повикуваат да не го бојкотираат пописот е тврдењето дека само со учество во оваа „статистичка операција“ ќе се спречат политичките манипулации и етничко-религиозното пребројување. Камо среќа да е така, но да не се лажеме – сепак, не е така. А не е, затоа што граѓаните немаат активна, туку пасивна улога во процесот.

Пред сѐ, тие не одлучуваат дали и кога ќе се одржи пописот. Одлучуваат нивните демократски избрани претставници во законодавната власт. Во случај на големи контроверзи за ова прашање, како и за било кое важно државно прашање, политичките водства можат одлуката да му ја препуштат на народот. На референдум. Но, политичките водства проценуваат дека за тоа нема потреба. Не знам дали има или нема потреба, но знам дека е подобро што на граѓаните нема да им биде дозволено непосредно да одлучуваат –  кај нас референдумските одлуки не се почитуваат, па нема ни потреба да се трошат енергија и пари за плебисцити.






Граѓаните не одлучуваат ни за тоа како ќе се спроведе пописот. За дизајнот на операцијата која се ракламира како „статистичка, а не политичка“, одлучуваат пратениците и министрите, но и посебна државна институција. Реално, одлучуваат двајца или тројца луѓе во земјава, а веројатно суфлираат и неколку странски дипломати.

Конечно, граѓаните не одлучуваат ни за тоа дали ќе се попишат. Како што одлучуваат дали ќе гласаат на избори. Законот ги обрзува да се попишат, а а за тие што нема да го сторат тоа, предвидени се прекршочни санкции. На кои сега, во паника, власта потсетува речиси секој ден. Дури и неточно и непрецизно. Фејк.

И сега, прашањето се наметнува само по себе – на кој начин граѓаните, со својата одлука да се попишат, можат да спречат таа толку потребна „статистичка операција“ да прерасне во политичка битка за што поголем скор на етничките заедници во етничко-религиозното пребројување? Што ќе промени тоа во ситуација кога кредибилноста на процесот веќе сериозно е загрозена, со секојдневното лицитирање со процентите и со суптилните уцени дека пописот нема да се признае ако претставниците на етничките заедници не бидат задоволни од резултатот на пребројувањето?

Ништо!

Тогаш, зошто сега се бара граѓаните да го спасуваат пописот? Зошто одговорно поведение се бара од нив, а не од политичките партии и од нивните водства?

Кој и со што им гарантира на граѓаните дека ако се попишат, нема да бидат учесници во „етничко-религиозно пребројување“? Кој им гарантира дека информациите што ќе им го соопштат на попишувачите ќе бидат коректно обработени?

Кој гарантира за кредибилноста на пописот? Граѓаните?

И ве молам, зошто се потценува фактот дека објективно постои страв од пописот и поради пандемијата? Наместо со несоодветни и недоветни споредби на задолжителното „дружење“ со попишувачите со семејните дружби (патем речено, дури и тие се ограничени, а кршењето на ограничувањата е казниво), или со пазарувањето во маркетите, на пример, очекував барем овој пат безбедноста на пописот да се брани со некакви реални аргументи. На пример, да се соопштат строгите протоколи за спроведување на попишувањето и да видиме обид да се убедат граѓаните дека присуството на попишувачите во нивните домови ќе биде безбедно. За жал, очигледно е дека такви протоколи не постојат и дека не треба да се очекуваат никакви посебни мерки за безбедност. И јасно е дека влегувајќи во нашите домови, попишувачите ќе ги прекршат постоечките ограничувања за групирање, пропишани од истата власт која граѓаните ги повикува на одговорност за сѐ и сешто, а самата форсира двојни стандарди и безобразни закани.

Заканите со екстремно високи парични казни за тие што нема да сакаат да се попишат не се само неприлични за власт која се огласува за демократска. Не, тие, како што реков, се и безобразни, тие се манипулација и лажна вест сама по себе. А тоа што пописот се брани со лажни вести и со закани значи само едно – отсуство на уверливи аргументи во прилог на тврдењето дека ова сепак ќе биде само „статистичка операција“, а не и политичка манипулација.

Впрочем, гледаме и читаме, не сме слепи и глуви, манипулациите веќе се почнати. И токму тие, а не повиците за бојкот, се главната причината поради која граѓаните резонираат вака: ако политичките лидери веќе ги знаат процентите за застапеноста на етничките заедници во вкупното население; ако државните бази на податоци нудат доволно податоци за да се дознае колку сме номинално, дали сме толку реално и дали сме токму според желбите на тие што нѐ убедуваат да се попишеме; ако сѐ е јасно и познато – зошто едноставно Зоран Заев, Али Ахмети и другите не седнат на маса и уште сега да си се договорат? Зошто нѐ малтретираат?

И што ако резултатите од пописот не ги задоволат нашите етнички и религиозни поглавари? Пак ли ќе седнат да преговараат за да ги наштелуваат бројките? Веројатно. Или тоа, или ќе го запрат пописот. Како што го запреа претходниот. Кој гарантира дека такво нешто нема да се случи? Зошто сите уште сега ги подигаат влоговите во играта?

Народот сепак не е глупав. Можеби не знае да го артикулира својот страв, можеби не умее секогаш да ја процени ситуација и да ја види историската шанса, но редовно непогрешиво чувствува кога нешто длабоко не е во ред. И јас мислам дека нешто не е во ред со пописот и дека тоа сепак не зависи од граѓаните. Затоа се создава привид дека политичките водства цврсто се договориле и дека процентите за етничката застапеност веќе не се важни, бидејќи етничките заедници располагале со стекнати права, кои немало да бидат оспорени без оглед на резултатите од пописот. Упатените знаат дека тоа не е баш така и дека идните политички иницијативи, движења и процеси во Македонија битно ќе зависат и од процентуалната застапеност на припадниците на етничките заедници во вкупното население во земјата што ќе биде официјално утврдена со пописот.

Стравот од бојкот на пописот, всушност, е проекција на стравот од исходот и од проблемот како исходот политички да се легитимира, да се „овери“. А тој проблем не се решава со меки или со тврди притисоци врз граѓаните. Напротив, ако сакаме успешен попис и исход што ќе биде легитимиран од сите значајни политички фактори во земјата, потребно е да се конституира граѓански притисок врз политичките елити и врз институциите. Притисок за одржување попис според најдобрите европски стандарди и практики.

За жал, такво нешто нема да се случи. За еден таков дискурс, за еден таков демократски јавен притисок, потребно ни е она што сега го немаме, или барем не во доволна мера – независен наместо провладин граѓански сектор, независни медиуми и воопшто, луѓе со интегритет и со искрена желба пописот, наместо да произведе нови тензии, да придонесе за намалување на конфликтноста во македонското општество.

 

Поврзани содржини