„НЕ ОЧЕКУВАВ ВАКВИ РЕЗУЛТАТИ“ Пендаровски порача дека нема предавање и дека во вториот круг почнуваат од нула
Мојата задача ќе биде како минатите 20 денови да го промовирам концептот во кој длабоко верувам. Концепт на држава која не е изолирана, која е интегрирана во Европа и држава која нема внатре поделби, нешто што го практикувам повеќе од две децении во мојата кариера – изјави Пендаровски.
Општа оценка од првиот круг од претседателските избори, барем од мој аспект, е дека резултатите не се такви како што очекувавме, рече актуелниот претседател на Македонија, Стево Пендаровски и кандидат за втор мандат.
– Бројките сè уште се движат и пресметуваат. Од она што го знам од аналитичкиот центар, најверојатно разликата ќе биде околу 130.000 гласови меѓу мене и кандидатката Силјановска Давкова. Очекувавме помалку, меѓутоа од утре е нов ден и се разбира дека почнуваме со средби со граѓани и практично почнуваме од нула – рече Пендаровски.
Тој посочи дека во првиот круг имало седум кандидати како никогаш досега, па според него гласовите се распределени на повеќе страни.
– Кандидатите кои отпаднаа во првиот круг зедоа дел од гласовите кои ние ги сметавме како електорат на кандидатите кои продолжуваат понатаму. Повторувам, тргнуваме од нула, тргнуваме од почеток од утре продолжуваме со средбите со граѓани. Мојата задача ќе биде како минатите 20 денови да го промовирам концептот во кој длабоко верувам. Концепт на држава која не е изолирана, која е интегрирана во Европа и држава која нема внатре поделби, нешто што го практикувам повеќе од две децении во мојата кариера – изјави Пендаровски.
Тој ги охрабри граѓаните кои во првиот круг не го дале својот глас на било кому да учествуваат на 8 мај, бидејќи тие веруваат дека победникот се решава во вториот круг и очекува уште поголем одѕив.
– Очекувам уште поголем одѕив. Нема да барам договор со другите кандиати за механичко префрлување на гласовите. Никогаш не сум го правел тоа, ниту сега планирам, за механички да преземам од било кого. Едноставно на сите граѓани ќе им го презентирам мојот концепт. Ќе одбијам било каков обид за нудење квантум на гласови – тоа би било големо понижување на граѓаните – кажа тој.
Според неофицијалните резултати од гласањето, во вториот круг на претседателските избори ќе одат Силјановска и Пендаровски, а тој ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори.