НЕ НИ ТРЕБА РАМКОВЕН ДОГОВОР ЗА ЕУ, НИ ТРЕБА НОВ ДОГОВОР ЗА МАКЕДОНИЈА Опозицијата ја отфрла идејата на Османи, но пружа рака за заеднички патриотизам
За нов Рамковен договор, односно за општ консезус, Османи и Владата требаше да нѐ прашаат уште пред да ги потпишат сите штетни договори со коишто се разградува македонскиот супстрат и Македонците се ставаат во подредена позиција, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Доцна се сетија дека можат да се договараат со опозицијата, но сега не ни треба нов Рамковен договор, туку нов договор за Македонија. Ваков е ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако шефот на дипломатијата Бујар Османи побара сите политички партии во Македонија да потпишат нов Рамковен договор за ЕУ.
Според Мицкоски, за ова прашање требало да се разговара многу порано.
– За нов Рамковен договор, односно за општ консензус, Османи и Владата требаше да нѐ прашаат уште пред да ги потпишат сите штетни договори со коишто се разградува македонскиот супстрат и Македонците се ставаат во подредена позиција. За ВМРО-ДПМНЕ потребата за европските интеграции никогаш не била доведена во прашање, исто како и неопходноста од општ консензус за оваа тема. На Македонија ѝ треба нов договор кој ќе го отелотвори заедничкиот патриотизам низ ново одредување за она што претставува наша првенствена цел. Таквиот општествен договор кој ќе го понуди заедничкиот патриотизам е враќање на нашите надежи за тоа како требаше да изгледа државата во моментите кога се создаваше, како активна целина на рамноправни чинители, која ќе обезбеди праведен напредок и еднакви можности за сите – вели Мицкоски.
Овојпат, нашата позиција како најголема опозициска партија е дека не ни е потребен нов Рамковен договор за ЕУ, туку, како што најави и претседателот Мицкоски, потребен ни е нов договор за Македонија, кој ќе значи напредна и успешна држава со сериозни европски стандарди и европска политичка култура.
Сличен став дели и поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој посочува дека повикот на Османи за потпишување нов Рамковен договор доцни најмалку 5 години.
– Тоа што сега го бара шефот на дипломатијата од политичките партии во земјава требаше да се случи најмалку пред 5 години. Но, сега е веќе доцна. Ние како опозициска партија постојано предупредувавме и ги посочувавме последиците коишто ќе нѐ снајдат од потпишувањето на Договорот со Бугарија, а кој сега е извор на провокации и тензии помеѓу двете соседни земји. Ако процесот за членство во ЕУ се наметнува како прашање за национален консензус, тогаш и главниот преговарач со ЕУ треба да биде избран со национален консензус. Оти вака, се води само еден партизиран процес во кој Владата има единствена доминација. Овој пат, нашата позиција како најголема опозициска партија е дека не ни е потребен нов Рамковен договор за ЕУ, туку, како што најави и претседателот Мицкоски, потребен ни е нов договор за Македонија, кој ќе значи напредна и успешна држава со сериозни европски стандарди и европска политичка култура – изјави Милошоски.
Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, во разговор за порталот Локално вели дека Охридскиот договор е историски договор кој донел онолку добро колку што и бил злоупотребен.
– Охридскиот договор е историски договор кој донесе онолку добро колку што и беше злоупотребен. Од друга страна, интеграцискиот процес во Европа е апсолутна неопходност за земјата и во оваа точка се согласувам со министерот Османи, но начините веројатно треба да бидат поконкретни и попосветени на најважниот пат што го имаме, а тоа е еден кон ЕУ – вели Таравари.
Од Беса сметаат дека иницијативата на Османи да се потпише нов Рамковен договор за ЕУ не е ништо друго освен политичко профитерство, па тие се отсечни во одлуката дена нема да поддржат такво нешто.
Како што неофицијално коментираат членови на партиското раководство на Беса, на земјава ѝ е потребен нов Рамковен договор за борба против корупцијата и криминалот.
– Остануваме на ставот дека земјава треба да си ја задржи евроинтеграциската ориентација и дека не смее да скршне од европскиот пат. Нашата заложба не се менува во тој поглед, па затоа и нема да дозволиме да ни се случува политичко профитерство преку некакви иницијативи за потпишување на некаков нов Рамковен договор за ЕУ. Сега ни треба Рамковен договор за борбата против корупцијата и криминалот. Оти тонеме во корупција и криминал. Сѐ останато е обична политичка фарса за добивање поени – брифираат од Беса.

И Јована Мојсоска, член на президиумот на Левица, вели дека повикот на Османи најдобро се опишува со поговорката: „после свадба – тапани“.
– Со кој образ сега бараат да потпишуваме нов Рамковен договор за ЕУ со цел да ги закопаме секирите околу процесот на евроинтеграција на Македонија во Унијата, а во изминатиов период токму во името на ЕУ го променивме државното име, го променивме Уставот, ги ревидиравме сите елементи на македонската државотворност? Единственото нешто во коешто е успешна оваа власт е бришењето на елементите кои се државотворни. Можеби ваквото барање од Османи ќе беше логично ако дојдеше пред неколку години, односно пред да ни го сменат името или пред да го изгласаат францускиот предлог во Собранието. А сега е веќе доцна и нема никаква логика да се прави нешто такво. Така што, ние како партија не би потпишале никаков договор со оваа неспособна власт која умее само да глуми демократски капацитет – ни изјави Мојсоска.
Инаку, министерот за надворешни работи Бујар Османи упати апел партиите да потпишат договор со кој ќе дадат поддршка на агендата на ЕУ.
– Ни треба нов Рамковен договор за ЕУ, со кој партиите ќе се усогласат дека ќе ги поддржат прашањата кои се однесуваат на Унијата. Директивите на ЕУ мора да ги прифатиме, без разлика кој е на власт. Партиите треба што поскоро да склучат договор дека ќе соработуваат и дека ќе ги надминат разликите. Граѓаните мора да бидат победници во овој процес – порача Османи.
Малески: Власта и опозицијата мора да ги здружат силите
Првиот министер за надворешни работи Денко Малески во својата најнова колумна вели дека не познава друга земја во којашто политичките партии не успеале да постигнат некаква согласност околу приемот во ЕУ.
„Не знам за пример во кој власта без соработка со опозицијата успеала да стаса до членство. Зашто, ова не е одлука за влез во ЕУ, туку согласност меѓу партиите за взаемна повеќегодишна соработка до влезот на државата во ЕУ. Се разбира, демократијата е систем кој дава легитимитет на несогласувањето. Но, на политичарите е да знаат до каде ќе одат во таквото несогласување. Има безброј примери во светот на такви кои побргу ќе ја уништат својата земја отколку да попуштат. И спротивно.
Зошто не би си поставиле цел да влеземе во ЕУ за пет години наместо постојано да се обесхрабруваме со прогнози од дваесет или педесет години? Иако политиката не е сѐ, сѐ е политика во ЕУ.
Неопходно е единство на целта меѓу власта и опозицијата во Македонија. Колега професор од Бугарија ми ја опишува тогашната атмосфера во бугарскиот парламент, кога Симеон Сакскобурготски, како премиер, ја внесе државата во ЕУ за пет години. Партиите, вели, решија членството во ЕУ да им биде најважен приоритет. Се договорија сите да бидат присутни во парламентот на сите гласања, никој да не се разболи и никој да не умре. И види чудо: никој не се разболе и никој не умре“, пишува Малески.