Не ни треба фронт за покривање на неспособноста на Љубомир Јовески – ни треба нов, ама добар обвинител!

Очекувам обвинителите со личен морален и професионален интегритет, какви што несомнено има во оваа земја, конечно да се охрабрат, да го отфрлат јаремот на политичките инсталати и да побараат на чело на Јавното обвинителство да застане способен, храбар, чесен, политички непристрасен и одговорен државен јавен обвинител.

6,517

Со каков кредибилитет државниот јавен обвинител Љубомир Јовески се осмелил јавно да им дели на своите колеги „писмени укажувања“ и „препораки“ за некакво „ажурирање на постапувањето“, особено во предметите кои се однесуваат на кривични дела од областа на корупцијата и во предметите кои се однесуваат на избрани и именувани функционери?

Со нула кредибилитет!






Што си замислува кутриот тој?

Дека е Анџела Агелер наместо Баба Зумбула?

Јасно ли му е на овој човек дека за време на неговиот мандат, македонските обвинители ги изгубија сите битки против организираниот криминал и корупцијата?

Да биде уште полошо, токму за време на неговиот мандат јавните обвинителства и самите станаа кванташки пазар за трговија со влијание и политички притисоци.

Има ли некој да му каже на Љубомир Јовески дека доаѓа време кога ќе се постави прашањето на неговата лична одговорност за тој фундаментален дебакл на јавните обвинителства?

Обвинителот Јовески нема ни законски надлежности да формира некаков „национален фронт за борба против корупцијата“, како што најавува во соопштението на Јавното обвинителство. Еден таков фронт може да биде само политичка иницијатива и проект на одговорна и способна власт во борбата против корупцијата.

А Јовески не е политичар.

Тој е неспособен државен јавен обвинител.

Јовески и тие што го држат на позиција, па згора го предлагаат и за уставен судија, се однесуваат неодговорно и тоа е една од причините поради која довербата на граѓаните во обвинителствата падна на историски најниско ниво.

Тој негов „фронт“ е замислен само како пропагандна алатка за покривање на неговата неспособност и неодговорност.

Вистински јавен обвинител, способен човек со професионален интегритет и со личен морал за извршување на таа одговорна функција, не пишува соопштенија, не издава препораки, не дрдори за „фронтови“, не се глупира.

Вистинскиот државен јавен обвинител раководи. Наредува. Јавните обвинителства се хиерархиски поставени и функционираат по принципот на субординација. Највисокиот во хиерархијата командува. Неговите се заслугите кога „војската“ напредува, ама нему му носат свилен гајтан кога таа трпи порази.

А во орманот на Јовески до сега требаше да има колекција од свилени гајтани …

Затоа, наместо да ги повикува и другите институции во борбата против криминалот – толку се уфилмал, замислете! – време е да престане да ја замајува јавноста со евтина партиска пропаганда.

Време е Јовески да отстапи. И темелно да се подготви да одговара за неуспесите. Бидејќи наскоро тоа мора да се случи. Така, всушност, мора да почне разврската на оваа криза. Јовески е првиот меѓу неколкуте најважни ликови кои на јавноста ѝ должат објаснување кој ги зароби правосудните органи и кои се клучните лостови на политичко влијание и компромитација на македонското правосудство.

Ете затоа, Јавното обвинителство да не се надева на поддршка од јавноста на тој „фронт“ за покривање на неуспесите и на неспособноста на Љубомир Јовески. Јавноста одамна ги прочита тие флоскули и најавите за разни „фронтови“ јасно ги препознава како млатење празна слама.

Наместо тоа, очекувам обвинителите со личен морален и професионален интегритет, какви што несомнено има во оваа земја, конечно да се охрабрат и да го отфрлат јаремот на политичките инсталати. И јасно и гласно да кажат дека она што најмногу му недостасува на правосудниот систем во Македонија во овој момент е способен, храбар, чесен, политички непристрасен и одговорен државен јавен обвинител.

Љубомир Јовески тоа не е. Никогаш не бил. Ниту ќе биде.

Поврзани содржини