НЕ МОЖЕ ЗА ТОА ДА СЕ ГУБАТ 50 МИЛИОНИ ГОДИШНО Град Скопје блокираше 17.594 сметки кои не платиле данок на имот за 2021 година
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски додаде дека ова е само почеток на финансиската консолидација. Многу наскоро ќе се креира систем за репроценка на имот во Град Скопје, а тоа е проект поддржан од УНДП.
„Ред мора да има, а секој денар наплатен во буџетот значи повеќе проекти и подобар град за сите“.
Вака изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на прес-конференција информирајќи дека Град Скопје блокирал 17.694 сметки поради неплатен данок на имот за 2021 година.
Се работи за сметки на физички и на правни лица кои не платиле имот во вкупен износ од 1,3 милиони евра.
– Апелирам до сите граѓани и компании во наредните 15 дена да ги подмират своите обврски по основ на данок на имот за периодот од 2022 до 2025 година – рече Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека станува збор за 96.562 физички лица и 2.335 правни субјекти кои вкупно му должат на градот 19,5 милиони евра, средства кои се од клучно значење за инфраструктурата, јавните услуги и подобрувања на квалитетот на живот во Скопје.
Ѓорѓиевски додаде дека ова е само почеток на финансиската консолидација. Многу наскоро ќе се креира систем за репроценка на имот во Град Скопје, а тоа е проект поддржан од УНДП.
Поради нередовната репроценка на имотите, Градот Скопје губи по 50 милиони евра годишно, вели градоначалникот, а со овој нов систем како што вели, тоа треба да биде исправено.
– Градот Скопје ќе си ги исполнува обврските, но и граѓаните треба да ги извршуваат своите, кон нас. Тоа значи да плаќаат данок. 30 милиони евра има неплатени даноци во Градот Скопје. Состојба за која никој не водел сметка, земајќи предвид дека кога се наоѓате во фаза на застарување на сметките, а не преземете дејствија за поднесување на платен налог, којшто би значел пресметка и на камата – правите кривично дело, односно свесно дозволувате да ете средствата се ненаплатени на градот. Имаме близу два милиона наплата за 30 дена – рече Ѓорѓиевски во одговор на советничко прашање.
Тој појасни дека данокот на имот се плаќа на Градот и на општината, односно 50 отсто за едниот и 50 отсто за другиот, а од друга страна, како што вели, имаме најниски даноци во регионот.