„НЕ КОРИСТЕТЕ МАТНА ВОДА, ХРАНАТА МОРА ДА СЕ ФРЛИ“ Предупредувања за жителите на поплавените региони
АХВ со итни препораки за граѓаните по излевањето на реките: внимавајте на храната, водата и заштитата на животните.
Зголемените водостои по обилните дождови создаваат опасност од поплави во повеќе региони, поради што Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) им препорачува на граѓаните максимално да внимаваат на безбедноста на храната, водата за пиење и здравјето на животните.
Од Агенцијата велат дека ситуацијата бара зголемено внимание, особено во местата каде што реките веќе се излеале и има поплавени домови и земјоделски површини.
– Наш апел е граѓаните редовно да ги следат информациите за водотеците и да не користат заматена вода за пиење или готвење се додека не се добие лабораториска потврда дека е безбедна – порачуваат од АХВ.
Посочуваат дека во регионите со излевање на реките, домаќинствата што се снабдуваат со вода од индивидуални системи мора да бидат особено внимателни.
– Редовната хигиена на рацете е клучна, особено по контакт со поплавена вода или предмети што биле поплавени. Храната што била во контакт со поплавата мора да се фрли – предупредува Агенцијата.
Дополнуваат дека овощјето и зеленчукот што се користат свежи треба двапати да се измијат, да се исчистат и по можност да се термички обработат. Во домаќинства со мали деца се препорачува користење индустриски подготвена храна.
Во однос на животните, АХВ нагласува дека сопствениците имаат обврска да обезбедат безбедно место, храна и вода.
– Доколку мора да се напушти домот, животните треба да се префрлат на повисоко и безбедно место. Ако се држат врзани, важно е да се одврзат и да се преместат каде што ризикот од поплавување е помал – наведуваат од Агенцијата, додавајќи дека одгледувачите треба да бидат во постојан контакт со ветеринарите.