НЕ ИМ ИЗЛЕГОА ТОЧНИ МАТЕМАТИКИТЕ НА ТАРАВАРИ И НА АХМЕТИ Меџити вели дека пазарот на албанската опозиција завршил со помалку пратеници
Математиките на Ахмети и на Таравари што ги правеа дома, не излегоа на пазар, туку излегоа поинакви и полоши отколку стартната позиција и во однос на пратеници и на гласачи, рече првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирањево гостување на Тема на денот на Сител телевизија.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој е еден од лидерите во Коалицијата Вреди, смета дека со излегувањето на Арбен Таравари од Владата и од Коалицијата, тој и лидерот на ДУИ Али Ахмети, со кој сакал да соработува, имаат повеќе штета отколку корист. Таравари, истакна Меџити, има во моментов тројца пратеници, двајца остнаа во Вреди а со тројца-четворица пратеници од Европскиот фронт се разговара да се префрлат во Вреди.
– Математиките на Ахмети и на Таравари што ги правеа дома, не излегоа на пазар, туку излегоа поинакви и полоши отколку стартната позиција и во однос на пратеници и на гласачи – рече Меџити во гостување на Тема на денот на Сител телевизија.
Според него, Таравари калкулирал затоа што сакал да го задржи Гостивар и да добие поддршка од ДУИ во други општини.
– Прво е до калкулација, значи пред се Гостивар да се задржи. Мислам дека сите калкулации со Ахмети ги имаат направено, предвиделе се, но не и дека ќе го исфрлиме Таравари од Вреди и од Владата, бидејќи не може во исто време да соработуваш со ДУИ и да бидеш дел од Вреди и од Владата, – рече Меџити.
Нагласи дека Таравари се надевал оти ќе остане во Владата до крај, дека ќе ги користи придобивките, а скришно ќе соработува со Ахмети кој би му дал поддршка во 5-6 општини, а тој би ја поддржал ДУИ во Чаир и Тетово или на друго место каде ќе му биде потребно.
Во однос на локалните избори што треба да се одржат наесен, Меџити истакна оти се подготвуваат, дека е избран шеф на изборен штаб на републичко ниво, како и оти се разгледува кои би биле најдобрите кандидати од Вреди. Но, додаде, може да поддржиме и независни кандидати, или кандидати што не се од Вреди ако сметаме дека тие би биле најдобри.